Регулаторна бара да определува конечна цена за водата
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) бара од 1 јануари 2021 година да определува конечна цена за водата и водните тарифи во општините .
Цената да важи една година по примерот на одлуките што се носат за цената на електричната енергија кои важат од 1 јули до 30 јуни наредната година.
-Со тоа ќе ја поедноставиме целокупната постапка при определување на цената за водата и водните услуги, бидејќи сега РКЕ носи решенија за тарифи за водни услуги кои имаат минимална и максимална цена, а потоа во тој опсег треба комуналните претпријатија да изготват соодветен предлог кој после оди на усвојување кај советите на општините. Доколку РКЕ ја носи конечната одлука за цената секоја општина ќе има обврска да ја спроведува. Сега од носењето на нашата одлуката, која важи од 1 јануари до 31 декември во тековната година, поминува подолг период додека не влезе во сила и не биде одобрена од соодветните совети на општините и се случува да се потврди во март, април или мај и да има проблем при контролата на нивните резултати, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Тој посочи дека РКЕ има 15-годишно искуство во носењето на цените во делот на електричната енергија, топлинската енергија и природниот гас и додаде дека нивните методологии се поттикнувачки.
-Кога би носеле конечна цена за водата и водните услуги би испратиле сигнал до комуналните претпријатија да ја зголемат ефикасноста на својата работа. При тоа, доколку даваат услуги со ист квалитет, нивното зголемување на ефикаснста, а со тоа и намалување на трошоци, ќе останат кај претпријатијата и на тој начин ќе нема потреба од никаква промена на цена, рече Бислимовски.