КАКО СЕ ЖИВЕЕ ВО ФИЏИ: Кумановец прави споредба меѓу Македонија и оваа земја
Островот е топ туристичка дестинација која ја посетуваат молиони туристи од сите делови на светот, особено од Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд. Од таа причина цените на храната и пијалоците во рестораните и баровите се неколкукратно повисоки во зависност од рејтингот на локалот, во споредба со Македонија, раскажува Давид Алексовски од Куманово, финансиски менаџер- граѓанско здружение Центар за интеркултурен дијалог кој на размена бил во оваа земја.
Додава дека во однос на просечната плата постојат различни статички податоци на интернет, но она што лесно можел да воочи е голема нееднаквост во распределбата на доходот, особено помеѓу жителите на главниот град Сува и останатите делови.
Вели дека ако се спореди до Македонија има сличности, но и разлики, а младите во тамошното општество се соочуваат со повеќе предизвици.
„Младите се соочуваат со бројни предизвици од традиционално-културен карактер што го отежнува нивното учество во политичкиот живот. Религијата е многу моќен елемент во општественото и политичкото уредување. Свештениците имаат многу значајна улога и големо влијание во процесот на креирање на јавното мислење и воопшто во животната фолозофија на локалците. Инаку не забележав опседнатост со политика на островот. Примарна економска активност и извор на приходи за населението е туризмот и голем број на луѓе работат во оваа област. Животот на островот делува прилично опуштено и бавно“- вели Алексовски.
Додава дека и во Фиџи има миграција, а младите откако ќе заработат пари се враќаат назад во матичната држава.
„Ова прашање беше многу интересно за мене со оглед дека Македонија се соочува со особено висока стапка на емиграција на младите и го дискутирав со локалниот водич на размената и со младите со кои стапив во интеракција на размената. Одговорот беше прилично хомоген, постои значителен степен на емиграција на младите во Нов Зеланд и Австралија, но истата е од привремен карактер. Младите Фиџианци работат неколку години со цел да заработат пари да изградат или доградат сопствен дом за да основаат семејство и да имаат минимални услови за живот. Притоа мора да споменам дека, освен во главниот град Сува, сите други гратчиња и традиционални села кои се многубројни во Фиџи се одликуваат со ниски, прилично едноставни градби, многу поскромен ентериер и санитарни услови во споредба со просечна македонска куќа. Младите се враќаат назад бидејќи чувствуваат силна приврзаност кон островот и нивните семејства, а финансиско-материјален аспект не е премногу важен“ – раскажува Алексовски.
За луѓето вели дека се исклучително гостопримливи, љубезни и услужни. Биле отворени за комуникација со странци и ги прашувале колку се задоволни од Фиџи. Со оваа особина жителите на Фиџи го потсетуваат на Македонците.
Додава дека примарен предизвик за младите и воопшто жителите на Фиџи претставуваат географско-климатскитефеномени. Островот директно се соочува со последиците од глобалното затоплување, што се одразува и на целокупниот животински и растителен свет на копно и и во вода. Секоја година во определена климатска сезона се случуваат циклони и други природни непогоди кои резултираат со жртви и огромни економски штети.
„Според сведоштвата на учесниците на размената, сите луѓе на островот имаат преживеано барем еден циклон и се соочиле со стравичните последици кои тие ги носат: уништување на домовите, губење на залихи и недостаток на вода за пиење, принудна миграција и слично. Втор значаен предизвик со кој се соочуваат младите се одредени традиционални норми и вредности кои претставуваат пречка за нивно општествено учество, образование, кариера или поставување на цели кои се различни од она што традиционално се верува дека е исправно. Генерално, жителите на островот, особено во селата се религиозни и функционираат според одредени традиционални норми и правила за однесување, кои се пренесувале од колено на колено низ вековите. Секое Фиџи село има совет кој најчесто е составен само од повозрасни мажи, на чие чело стои “Chief” титула која семејно се наследува. Но, ова навистина не е правило, во многу средини жените имаат водечка улога и важат за исклучително моќни фигури на државно ниво. Во органите за одлучување на месно, локално и национално ниво доминираат повозрасните, затоа што традиционално се сметаат за помудри и побогати со знаење и искуство од младите и ова претставува главна бариера за младинско учество во општествениот живот. Исто така концептот „млад” не секогаш е поврзан со годините. Основање на дом и семејство се сметаат за клучна цел и задача во животот и доколку определена личност не ја исполнила оваа животна обврска се смета за млада и незрела без разлика на годините и многу тешко може да учествува во процесот на донесување на одлуки“- наведува Алексовски.
Трет значаен предизвик со кој се соочуваат младитево процесот на нивно организирање и активно општествено учество вели дека се информациските бариери, особено на помалите острови и предели надвор од островот Вити Леву каде се наоѓа главниот град Сува. Интернет сигналот генерално е многу послаб во споредба со Европа и често во зависност од временските прилики е нестабилен. Главен медиум за поврзување е мрежата facebook која беше истакната како клучна платформа за комуникација со изолираните делови од Фиџи, во кризни и критични ситуации, но и генерално за младинско организирање и соработка.
„Имав прилика да престојувам неколку дена во главниот град Сува кој претставува главен политичко-административен, културен, економски, поморски и резиденцијален центар не само на Фиџи, туку и за целиот Пацифик. Во овој град се сместени седиштата на голем број интернационални компании, канцепарии на меѓународни агенции, амбасади, резиденции и слично. Градот се одликува со одлична инфраструктура и архитектура и уредување во британски стил и по сите набројани аспекти сосема се разликува од останатите урбани центри во Фиџи, кои имаат далеку поскромна инфраструктура, поинакво уредување на населбите и градби, многу помала економска развиеност и перспектива за развој.. Аналогно, можностите на младите за квалитетно образование и кариера се исклучително во Сува. Главни економски гранки и извори на приходи се туризмот, како примарна гранка и одгледувањето на шеќерна репка. Оттука може да се заклучи дека опсегот на можности за младите е значително помал во споредба со Македонија, имајќи ги во предвид програмите на ЕУ за образование и мобилности на младите, а и географската положба да државата која овозможува далеку полесна конекција со развиените земји“- смета Алексовски.
Тој учествувал на младинска размена во Фиџи во рамките на проектот „Паркур на младинско учество”, финансиран од ЕУ преку програмата Еразмус плус, а една од основните цели е размена на знаења, искуства и механизми за формите на младинско учество и овозможување на директна соработка помеѓу партнерски младински организации од Европа, Фиџи и Јужна Африка. На размената во Фиџи Алексовски бил дел од меѓународна група предводена од ЦИД како координатор на проектот, во која учестувале претставници од граѓански организации и мрежи од Македонија, Србија, Хрватска, Белгија, Естонија и Португалија.
Сања Атанасовска
Leave a Comment
Мора да се пријавите за да испратите коментар.
0 Comments