Македонија почнува со скриниг процесот со ЕУ
На 27 септември започнува подготвителниот период за
процесот на пристапување на Македонија во ЕУ.
Вицепремиерот и шеф на делегацијата на Македонија за преговори со ЕУ Бујар Османи на
прес-конференција денеска објави дека ќе ја предводи македонската делегација во Брисел која
на 27 септември ќе го започне скринингот за поглавјето 23 – правосудство и фундаментални
права. Во делегацијата, која ќе брои четириесетина лица од повеќе министерства институции,
ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска.
– Во Европската комисија ќе го започнеме објаснувачкиот скрининг. Од страна на ЕК ќе биде
презентирано првото поглавје за правосудство и фундаментални права односно поглавјето 23
со што и формално започнува скрининг процесот како подготовка за почеток на преговорите за
полноправно членство во ЕУ, истакна Османи.
Ова, како што рече, претставува исклучително важен настан и пресвртна точка со која
Република Македонија и формално го започнува последниот дел од патот за полноправно
членство во Унијата, нешто што одамна го чекавме и за што долги години се подготвуваме.
До јуни 2019 година кога завршува скринингот во Брисел ќе отидат 33 вакви делегации со
што ќе бидат опфатени над илјада претставнции од институциите од земјата. Втората фаза,
појасни Османи, е билатералниот скрининг кој претставува пообемен и покомплексен процес.
– Ние сме свесни дека тоа претставува сериозен предизвик за Република Македонија и дека во
наредниот период ќе има засилено темпо и обврски, но и можност да покажеме колку сме
подготвени како земја за да се справиме со предизвикот за усогласување со стандардите и
вредностите на ЕУ. Во оваа насока ќе ни биде потребна севкупната експертиза од Република
Македонија, кажа Османи.