Интерпелација за министерот Димитров
Mорална, професионална и политичка одговорност побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со поднесената интерпелација за шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. Му забележуваат дека функцијата ја извршува несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси, го обвинуваат за двата договора – со Бугарија и Грција, со кои нагласуваат се загрозуваат македонските интереси, а особено за тоа што опозицијата не била вклучена во овие процеси.
Собранието денеска на продолжението на 81-та седница ја почна расправата за интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Димитров со 20 минутно образложување на причините поради кои е поднесена од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
-Денешната интерпелација се однесува на едниствениот министер во историјата на независна Македонија, кој на дрзок и препотентен начин ја навреди македонската нација од оваа говорница. Тој македонската нација ја нарече искомплексирана и тоа затоа што не сака промена на името на државата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Нагласи дека со тоа министерот Димитров го нарушил угледот и достоинството на македонскиот народ, но и на РМ.
-За нас е недозволиво и неприфатливо министер за надворешни работи на ваков дрзок начин да ги навредува граѓаните на нашата држава. Не беше дозволен да се извини за ваквите зборови, ниту тој се извини, ниту Владата се извини за неговите зборови, рече Мицевски и нагласи дека шефот на дипломатијата не ги штити националните и државните интереси.
Откако Димитров стапил на функција во 2017 година, според Мицевски, Македонија постојано трпи порази на надворешен план. – А тој сака сето тоа да го сервира како некоја победа, како што тој вели да ни ја биде Македонија, рече Мицевски, пишува 24 вести.