Поддршка од ИВЗ и МПЦ за протестот против коцкање во Тетово
Оддалечување на сите објекти за игри на среќа најмалку три километри од секое населено место, определување на пет отсто од профитот на казината и обложувалниците за рехабилитација на жртвите од коцкањето и формирае национална образовна стратегија за информирање за последиците од коцкањето.
Овие три барања ги истакнаа организаторите од движењето против коцкањето на денешниот протест на градскиот плоштад во Тетово. Протестот беше поддржан од претставниците на повеќе општини во полошко како и од двете најголеми верски заедници – тетовското муфтиство на ИВЗ и тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – Охридска Архиепископија.
-Коцкањето е едно од најголемите зла и затоа ние како тетовско архиерејско намесништво ја поддржуваме оваа инцијатива против коцкањето кое ги загрозува душите, здравјето и перспективата на нашите млади, но и сите останати. Затоа нашата вера учи дека кој му робува на гревот, гревот него го поробува. Со ова сакаме заедно да испратиме порака до властите коцкарниците да се тргнат од населените места за нашите млади и тинејџери да не застрануваат од вистинските вредности, а доколку има закон за тоа тој да биде строг и ригиден за да не се дозволи лесно и слободно посегнување кон коцката, рече свештеникот Александар Стојановски од тетовското архиерејско намесништво.
Пред присутните се обратија и Ќани Несими од тетовското муфтиство на ИВЗ како и актери, пејачи и други граѓани. Според Џемал Абдиу од Движењето против коцкање, барањата искажани на денешниот протест треба да бидат прифатени како амандмани на Предлог законот за игри на среќа предложен од Министерството за финансии. Овој закон, додаде тој, не смее да се носи без обемна јавна дебата.
Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи која присуствуваше на протестот, посочи дека тетовскиот Совет е едниствениот во државата што има донесено одлука со која се предвидува дека сите игри на среќа не смеат да бидат близу до нити еден јавен или верски објект. Таа оцени дека барањата на граѓаните за посилно регулирање на оваа област и целосна примена на законските прописи за игрите на среќа мора да бидат земени сериозно предвид и од пратениците при гласањето на соодветниот закон.