Заев откри кои работи ќе се менуваат со амандман во Уставот
Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека четири работи ќе претрпат промени во Уставот преку усвојување на еден амандман, во согласност со Договорот од Преспа. Првата промена е, како што кажа, додавање на географската одредница, втората е во Преамбулата со зајакнување на конститутивните елемнти на државноста преку АСНОМ, а тоа се одлуките за самоопределување, самобитност, самостојност, како и визиите за слобода и демократија.
– Во членот 3 се зајакнување на непостоењето аспирации надвор од териториите на Македонија, односно неповредивоста на границите како што е во уставите на сите земји членки на ЕУ и членот 49 од Уставот кој се однесува на дијаспората, рече Заев во емисијата Топ тема на ТВ Телма, пренесе МИА.
Премиерот потенцира дека останува грижата за дијаспората целосно, но по ЕУ стандарди, како што стои во земјите-членки на ЕУ.
– Тие се работите содржани во договорот кој е веќе објавен. Ќе сакаме тоа да го направиме со еден амандман за да не трошиме непотребно време за повеќе амандмани. Верувам дека тоа може. Правниците ќе го кажат последниот збор, но суштината е тоа, појасни премиерот Заев.
Во однос на преамбулата на Уставот и дали ќе биде избришан македонскиот народ, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска рече дека текстовите на амандманите на Уставот не се напишани и не е чесно да се пишуваат пред референдумот.
Најави дека тој процес ќе се одвива транспарентно во Собранието.
– Не чека процес кој е целосно транспарентен и ќе се случува во Собранието. Но уште сега може да потврдиме дека македонскиот народ нема да биде избришан од преамбулата, рече Шекеринска.
Таа ги оцени како дезинформации ваквите тврдења, и нагласи дека во преамбулата уште еднаш ќе се потврдат одлуките од АСНОМ.
– Македонскиот народ ќе биде во преамбулата затоа што тоа е духот на Договорот и уште еднаш ќе се потврди дека конститутивните одлуки на АСНОМ кои се основата на нашата државност ќе бидат потврдени, рече Шекеринска.
Премиерот Заев потенцира дека Договорот од Преспа е фер и праведно решение и заснован на факти и оти конечно ги остваруваме вековните аспирации на нашите татковци, дедовци и прадедовци.
– Имаме потврден македонски јазик, потврден македонски идентитет, сме Македонка, Македонец, Македонци коишто живееме во РМ и отсекогаш сме биле и секогаш ќе останеме, рече Заев.