Утре последен ден за исплата на К-15

Утре е последен ден за исплата на регрес за годишен одмор. Од Организацијата на работодавачи немаат информација колку од компаниите до сега го исплатиле популарно наречениот К-15. Дел од фирмите ја исполниле оваа обврска уште пред годишните одмори, но праксата покажува дека поголем дел од нив го прават тоа пред крајот на годината. Со оглед на тоа што Законот дозволува регресот да е помал од пропишаниот минимум во случај кога фирмата има финансиски потешкотии, од Организацијата на работодавачи предупредуваат на внимателност и од страна на работодавачите и од страна на работниците.

“Работниците се тие што го бираат нивниот претставник што ќе ја склучи таа спогодба, а не управителот или директорот. Работниците мора на собир на работници на нивно здружение да се договорат до кој износ ако фирмата има загуба, има финансиски проблеми, кој е тој минимален износ за кој се спремни да преговараат и тие да го изберат лицето претставник. Само во тој случај оваа помала исплата ќе биде согласно општиот колективен договор. Во сите други случаи ако работодавачот сам си назначи лице и сам си склучи спогодба со тоа лице, тоа може да му падне на суд и мора да го исплати целиот износ на К-15”, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи на Македонија.

Од Државниот инспекторат за труд апелираат да се пријави секоја неправилност во врска со исплатата на К-15. Право на регрес за годишен одмор има секој работник во приватен сектор кој најмалку 6 месеци во календарската година работел кај ист работодавач. Законски пропишаниот минимален износ изнесува 40% од просечната нето плата на државно ниво исплатена во последните три месеци, односно околу 10.100 денари.
За непочитување на оваа законска одредба од страна на работодавачот предвидена е дури и казна затвор во времетраење од три месеци до најмногу една година.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password