Што направи „Гранит“ за половина година?
Приходите на „Гранит“ паднале за 12 милиони евра, оперативната загуба за пола година е 318.000 евра, а обврските пораснале за над 11,8 милиони евра. Само благодарејќи на финансиски приходи за кои нема објаснување во образложението компанијата има нето добивка од 1,7 милиони евра
Најголемата македонска градежна компанија во првото полугодие има пад на приходите од 23 отсто односно 8,7 милиони, оперативна загуба од 318.000 евра, зголемена задолженост за 4,63 милиони евра и зголемени обврски спрема добавувачи за 7,17 милиони евра. Да, во овој период компанијата инвестираше во акции на „Комерцијална банка“ 6,9 милиони евра, покажуваат официјалните податоци на првото полугодие годинава. Сепак благодарејќи на финансиски приходи компанијата првото полугодие го заврши со нето добивка од 1,67 милиони евра.
Како изработи „Гранит“?
Најголемата градежна компанија има пад на приходите од продажба од 23 отсто, според податоците од консолидираниот биланс на успех. Според образложението на менаџментот станува збор за намален обем на работа и заради тоа компанијата има пад и на бруто добивката. Приходите од продажба на „Гранит“ за половина година се 28,7 милиони евра и тие се за 8,7 милиони евра помали од приходите од продажба во истиот период лани. Оперативните приходи на „Гранит“ се 12,05 милиони евра пониски од приходите во истиот период лани. Тие изнесуваат 34,57 милиони евра и се за 450.000 евра пониски од оперативните расходи на компанијата кои изнесуваат 35,02 милиони евра. Оперативните трошоци на „Гранит“ се 9,23 милиони евра пониски од истите расходи во првата половина од 2017 година. Во расходната структура на „Гранит“ пад бележат сите расходни ставки освен трошокот на вработените кој дури и проаснал за 7 отсто односно за половина милион евра.
Само благодарејќи на финансиски приходи од 2 милиони евра „Гранит“ успеа првата половина од годинава да ја заврши со добивка која надминува 100 милиони денари. Важно да се истакне е и огромното намалување на финансиските расходи за 68 отсто во споредба со лани. Тие годинава изнесуваат 64.550 евра, а лани биле 203.000 евра. За дебалансот во оваа ставка менацменот во образложението не кажува ништо. Исто како што не кажува ништо и за финансиските приходи кои се поголеми од 2 милиони евра и бележат раст од 78 отсто во однос на истиот период лани.
Обврските на „Гранит“ во овие шест месеци пораснале за 11,8 милиони евра. И за тоа нема никакво објаснување во образложението што менаџментот го дава до Македонската берза од кој треба да се информираат инвеститорите и да изведат заклучоци. Од тоа растот на обврските по кредити изнесува 4,63 милиони евра. Од нив краткорочните кредити пораснале за 888.000 евра, а долгорочните кредити пораснале 3,75 милиони евра. Истовремено „Гранит“ (во првиот квартал) купи акции во „Комерцијална банка“ вредни околу 7 милиони евра. Менаџментот во ниту еден момент не најде за сходно да каже да јавноста и на малите акционери од кои средства го плати тие 7 милиони евра за акции во „Комерцијална банка“. Во тој период „Фактор“ во два наврати побара одговор на тоа прашање, но одговорот до сега не стигна до нашата редакција.
Leave a Comment
Мора да се пријавите за да испратите коментар.
0 Comments