Не внесувајте свинско од Бугарија!
Граѓаните кои патуваат во Бугарија при враќање во Македонија да не носат храна од животинско потекло, апелира директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.
Тој денеска во Велес изјави дека вирусот „африканска свинска чума“ кој е регистриран во соседна Бугарија не е опасен за луѓето, но оти се работи за високо заразна вирусна болест кај свињите за која нема вакцина.
– Агенцијата донесе решение за забрана за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од овој регион во Бугарија со цел заштита од внесување на вирусот-рече Атанасов, кој беше во посета на свињарската фарма „Агро софт“ во близина на Велес.
Агенцијата на почетокот на месецов донесе решение за забрана за увоз и транзит на свињи и производи од свинско месо од Бугарија поради појава на вирусот „африканска свинска чума“ во оваа држава.
Болеста кон крајот на август е потврдена во областа на Варна во соседна Бугарија, а присутна е и во Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска, Молдавија, Романија, Чешка и Унгарија.
Унапредувањето на биосигурносните мерки на фармите, според Атанасов, има исклучително значење за фармерите од аспект на подобрување на здравствената заштита на животните и намалување на трошоците за лекување.
Од 90 комерцијални одгледувалишта на свињи колку што се евидентирани во земјава досега се категоризирани 78 фарми.