Интервју со д-р Јовев: Лидери сме во регионот по многу кардиохируршки операции

Имаме високо едуциран и спремен домашен тим. Една од моите цели, покрај формирање на државната, Универзитетска кардиохирургија, беше и што побрзо да се спреми домашен тим, вели Д-р Сашко Јовев, кардиохирург. Тој е еден од најголемите стручњаци во кардиохирургијата во земјава. Вели дека досега со успех ги изведуваат сите кардиохируршки операции. Порачува граѓаните да веруваат во јавното здравство.

Универзитетската клиника за државна кардиохирургија е формирана пред 5 години, како последна во кампусот на Универзитетски клиники, при Медицинскиот факултет и министерството за здравство. Требаше доста време и многу поминати перипетии за да се формира Универзитетската клиника за кардиохирургија, која всушност кај нас и секаде во светот преставува технолошки и научен врв, на некој начин.

Д-р Јовев: Токму така, кардиохирургијата во научен и технолошки смисол, а особено по тежината на интервенциите е на некој начин на врвот на пирамидата на медицинските субспецијалности. И не само тоа, таа има стратешко значение за една држава, таа е грбот за сите останати. Без истата, меѓудругото, нема влез во ЕУ. Долги години се боревме да ја формираме, да формираме нешто, што е толку есенцијално и важно за оваа држава, овој народ и за Универзитетот. Причините за одолговлекувањето беа  заради голема неукост и разни интереси, со еден збор, причините беа едноставно нехумани. Кога еден од бившите министри за здравство отиде во нормалниот, западен свет за да праша како да го унапредиме здравството, прво што го запрашаа беше: имате ли државна кардиохирургија, добра трансфузиологија и трансплатологија?

Каде се наоѓате и што постигнавте до сега?

Д-р Јовев: Се наоѓаме на вториот спрат во зградата на кардиологија. До сега, дојдовме до степен да со перфектен успех се работат сите типови на кардиохируршки операции, вклучувајќи и операции на големите крвни садови. Не постои нешто што во севкупниот дијапазон на возрасната кардиохирургија не се работи кај нас.

Каков тип на операции правите, дали го правите севкупниот дијапазон на срцеви операции, со каков успех  и кај која популација?

Д-р Јовев: Вршиме операции на срцето, на коронарните садови, на залистоците,  на коморите, на аортата севкупно, од излезот од срцето со до стомакот, на вратните артерии операции  и друго кај возрасни . Правиме елективни и итни операции. Засега, успехот е, скромно кажано перфектен, во светски просек. А треба да се земе во обзир дека ги работиме најтешките можни операции, кај тешки пациенти оптеретени со многу коморбидитети, голем дел од нив пропуштени во третманот од пониските здравствени инстанци. Мораме да го земеме во обзир фактот дека кај нас нема пациент кој е одбиен за третман, за разлика од приватните установи каде главно се третираат елективни случаи. Сигурно дека можевме да извршуваме и останати торакални и детски кардиохируршки операции, но тоа отиде во друг правец.

Дали воведувате нови интервенции, колку сте во чекор со светот со истите ?

Д-р Јовев: Да, први започнавме со третманот на пациенти со терминална срцева слабост. Први започнавме со поставување на таканаречено механичко срце, засега со стопроцентен успех. Исто така, први во регионот воопшто започнавме со таканаречена отворена хибридна хирургија на аортата. Тоа е всушност операција во која ја заменуваме целата аорта од срцето до дијафрагмата, со реимплантација на крвните садови за мозокот. Во дел, се става хируршки протеза, а во дел се имплантира стент и затоа процедурата се нарекува отворена хибридна хирургија. Работиме минимално инвазивни процедури, работиме хирургија на торакоабдоминална аорта, хирургија на долната шуплива вена, реконструкции на залистоците итн. Се што се работи во светот, за кратко време го имплементираме и брзо станува рутина кај нас.

Дали планирате други нови интервенции, дали остана уште нешто, на пример до каде сте со трансплантацијата на срце?

Д-р Јовев: Да, со оглед на тоа што веќе работиме хирургија на терминална срцева слабост, следниот и последен чекор е трансплантацијата на срце. Ние сме во секој смисол спремни, со опрема и кадар за утре да започнеме со истата.

Што се однесува до ова, има многу пациенти кои очајно чекаат да се започне со трансплантацијата. Она што во моментов е најпотребно, е да се зголеми свеста кај нашиот народ за донорство и на оваа тема сите треба промтно и посветено да работиме.

Како сте опремени на клиниката?

Д-р Јовев: Опремени сме извонредно, најдобро во македонското јавно здравство. Тоа не значи дека не ни фалат уште некои работи. На пример, со оглед на тоа што имаме едуциран тим за ендоваскуларна хирургија и за хибридна коронарна хирургија, а услови имаме апсолутно, потребно е клиниката да добие хибридна сала. Истата, во кардиоваскуларната медицина е најисплатлива инвестиција.

Дали сте добро екипирани со стручен кадар?

Д-р Јовев: Апсолутно. Имаме високо едуциран и спремен домашен тим. Една од моите цели, покрај формирање на државната, Универзитетска кардиохирургија, беше и што побрзо да се спреми домашен тим. Веќе можеме да се пофалиме со 3 домашни кардиохирурзи, 2 васкуларни и ендоваскуларни хирурзи, 4 кардиоанестезиолози, 2 перфузионисти, 2 кардиолози посветени на кардиохирургијата, 6 специјализанти и група на високо обучени сестри за во сала, за единицата за интензивна нега и за нашиот оддел.

Дали ви треба нешто, постои ли некој горечки проблем?

Д-р Јовев: Да. Ни треба простор. Просторот ни е екстремно ограничен. И верувајте и покрај сите молби и заложби, неможеме да добиеме позитивен одговор. Со еден збор, тажно.

Како е со едукацијата, со катедрата, колку што ми е познато, вие сте единствениот Професор по кардиохирургија во Македонија, вие сте всушност и редовен Професор на Медицинскиот факултет.

Д-р Јовев: Така е. Но веќе имам 6 докторанти, еден асистент, во блиска иднина уште 3, 5  специјализанти, а набрзо и нови наставници од нашиот ред, искрено се надевам.  Значи и во тој правец сериозно одиме напред. Целата настава за студенти и за специјализанти се одвива и ќе се одвива кај нас. Соработуваме со колеги од странство на тема предавања, едукации итн.

Каде бевте едуциран пред да ја отворите Универзитетската клиника?

Д-р Јовев: Медицински факултет, специјализација по општа хирургија, субспецијализација по торакална хирургија, магистериум и докторат, на нашиот Медицински факултет. Субспецијализација по кардиохирургија во Германија, Швајцарија, Бугарија и Израел. Независно имам обавено повеќе тренинзи во Англија, Холандија и Австрија.

Малку се промовирате сепак…

Д-р Јовев: Знаете, некако кога ќе ме запрашаат, јас обично одговарам дека работата го покажува своето, ние сме интелектуалци, ние сме образована и културна екипа, делата треба да говорат, тоа ни е работа на крајот на краиштата. Да го оставиме рекламирањето за тие кои се несигурни во себе. Но сепак, треба да знаат луѓето како работиме. За тоа треба повеќе да се грижи државата, таа не треба да го заборава успехот на своите деца, треба низ културни емисии да го покажува и негува. Како што беше порано, во едно поубаво време. Пазете, некој се рекламира и прави чуда од работи кои во светот се секојдневен успех. Голем сте, кога сте скромен, голем сте кога сте неуморен во работата, голем сте кога вашите секојдневни дела говорат за вас, а не фанфарите по платените медиуми со народни пари.

Формиравте и ново здружение при македонското Лекарско друштво, чиј претседател сте.

Д-р Јовев: Така е, формиравме Македонско национално здружение за кардиохирургија, торакална хирургија, васкуларна и ендоваскуларна хирургија. Тоа ќе ги следи сите актуелни збиднувања на овие теми во светот, ќе организира состаноци, симпозиуми, work shop-ови, предавања, тренинзи итн. Истото ќе се поврзе со слични здруженија во Европа и пошироко. Се разбира треба малку време да го развиеме сето ова. Во него членуваат хирурзи, анестезиолози,интервенти радиолози, кардиолози и други, сите на некој начин споени со сличната патологија која ја работиме. Големи надежи полагаме во истото.

Имате ли за крај да ни порачате уште нешто?

Д-р Јовев: Верувајте во своето јавно здравство, помагајте му и рекламирајте го, само така ќе добиете вистински feed back од вработените во него. Да се трудиме здравствениот работник да биде ценет и платен. Тоа е единствениот начин да имаме задоволни пациенти. Тоа е единствениот начин здравствените работници да останат во нашата држава.

Слободан Томиќ

 

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password