Мали, а самостојни

Во време кога селата се празнат, училишта се затвораат, а првачињата се загрозена категорија, Фалише е сосема спротивна приказна

Тетовското село Фалише има со што да се пофали. Годинава има четиринаесет првачиња, ново училиште и пет доселени семејства.

Во време кога селата се празнат, училишта се затвораат, а првачињата се загрозена категорија, Фалише е сосема спротивна приказна. Факултети.мк го помина првиот училиштен ден во подрачното Основно училиште „Св. Кирил и Методиј“.

Со насмевки од уво до уво, опуштени и дотерани, со фризури… Од атмосферата е очигледно дека децата се знаат меѓу себе.

– Сите си играме заедно на игралиштето и многу сакаме да одиме на училиште – велат тие.
Првачињата од Фалише
Мали, а самостојни
Емилија, Теа, Петар, Габриел, Андреј, Даријан, Гораст, Филип, Марко, Тијана, Николина, Викторија, Ања и Теона се гордоста на Фалише. Тие се првачиња. Вчера симболично со родителите го почнаа првиот училиштен ден, а веќе од денеска сами ќе доаѓаат и ќе си одат од училиште.
Ова е уште една од предностите кога живеете на село. Сите се знаат меѓу себе, живеат во безбедна средина и се самостојни уште од мали.
Сепак…

Се приближува малиот Марко.
– Наставничке, ми треба палома.
– Веднаш, Марко.
И заминува да му донесе.
– Наставничке, морам да одам во тоалет. Бев, но не можев да ги откопчам панталоните – вели Николина.

Наставничке, може да го извадам ова? (беџот со името). И јас, наставничке, и јас сакам да го извадам, вели нејзината другарка.
Наставничката Стефановска им помага на дечињата
Наставничката Даниела Стефановска ќе си има куп работа со новите првачиња. Таа е од Тетово и се радува што и во село може да работи со поголема група на дечиња. Таа веќе 13 години е во образовниот процес.
– Прво бев во ова училиште, па во Доброште, па пак се вратив тука. Првпат водам првачиња. Досега сум работела во комбинирани паралелки, второ со четврто и трето со петто одделение – објаснува таа.
Тука отсекогаш имало народ и не се иселуваме
Фалише е едно од селата со најмногу првачиња во Македонија. Лани имало 10, а сега 14. Најмногу првоодделенци имало во 1990 година – дури 24. Селото денес има 580 жители.

Ги прашавме мајките на првачињата во што е тајната.

– Селото е живо, отсекогаш имало народ и не се иселуваме. Дури и се населуваат семејства од Тетово. Градот е оддалечен само три километри, а тука има поквалитетен живот – вели Весна Петковска, мајка на едно од децата.
Фалише е едно од селата со најмногу првачиња во Македонија

Дојчин Грозданоски е служител во училиштето.

– Голема радост за селото е кога има деца. Луѓето не се иселуваат од Фалише, дури и доаѓаат тука. Пет фамилии се доселени последнава година. Тука нема сиромашни. Гладен е само тој што не сака да работи – вели Грозданоски.

Нова училишна зграда, нема втора смена

Училишната зграда е нова, а постои и еден дел што е реновиран. Има одлични услови за работа. Се греат на парно. Има пет училници, па годинава децата веќе нема да одат во школо на смени.

– Најдобра вест за нас е тоа што децата ќе одат во прва смена – вели Доста Јанчевска, мајка на прваче.
Во школото има вкупно 47 ученици од прво до петто одделение.

– Ова е супер број за едно селско училиште – вели Стефановска.
Училишната зграда е нова, а дел е реновиран

Со неа работат и двете колешки Весна Наумовска, која ги учи децата од 3. и 5. одделение, и Силвија Андоноска, одговорна за 2. и 4. одделение. Сите три секој ден од Тетово патуваат до Фалише со автомобил.
Има уште една наставничка по англиски јазик, а во 5. одделение на наставата се приклучуваат и наставници по техничко образование и по природни науки.
Наставничките се задоволни од условите за работа, има нов печатач, надгледни средства.

– Родителите не смеат ништо дополнително да купуваат. Сѐ обезбедува училиштето – вели Наумовска.
Стефановска и Наумовска се подготвуваат за новата учебна година

Таа има искуство и со првачиња и со комбинирана настава.

– Се разбира дека комбинираната настава е покомплексна. На две групи ученици им пренесувате различен материјал од ист предмет. Но, интересно е што помалите многу побрзо ги усвојуваат знаењата од повисокото одделение. И многу им е полесно – вели таа.
Во школото, како и во сите други во земјава, сѐ уште не се стигнати учебници. Првачињата оваа недела ќе ја поминат во адаптација, потоа ќе работат со наставни ливчиња и во комбинација со стари учебници, додека не стигнат новите.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password