Почна изградбата на подземната сообраќајница и станбено-деловниот комплекс кај Јужен булевар
Градежништото во наредната година се очекува да има
сериозни стапки на раст во позитива. Тоа, планира Владата, да се направи со посветено
работење на инфраструктурни проекти и со реализација на капитални проекти од приватни
инвеститори, како инвестицијата на турската компанија Лимак која официјално почна со
реализација денеска, а предвидува изградба на подземна сообраќајница од 800 метри и
станбено деловен комплекс со трговски центар кај Јужен булевар.
Ова го потенцира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на стартот на проектот,
на кој присуствуваа и премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и
претставници на турската компанија.
– Инвестицијата од 250 милиони евра што, ќе се реализира како што е планирано за 40 месеци
претпоставува влијание од пет милиони евра месечно на бруто домашниот произовд во РМ.
Тоа е значително влијание и се надеавме дека со вакви чекори Владата посветено ќе работи
на подигање на градежништвото, рече Анѓушев кој очекува од минус 40 проценти, следната
година да има сериозни бројки во плус во делот на градежништвото и со тоа БДП ќе се врати
на над предвидените три проценти.