Фејсбук без дозвола преземал податоци за имејл адреси од корисниците
Социјалната мрежа Фејсбук призна дека без знаење на корисниците преземал податоци за адресите од нивната електронската пошта, јави Си-Ен-Ен, додавајќи дека жртви на ова преземање на контакти без дозвола биле околу 1,5 милиони лица.
Фејсбук тврди дека по промената на дизајнот на социјалната мрежа, листите со контакти од имејл адресите „ненамерно“ биле пренесени на неговиот сервер.
Социјалната мрежа информира дека веќе почнала да ги брише вака преземените контакти.
Фејсбук објаснува дека „проблемот“ настанал со промената на креирање на корисничките налози. Пред промените, корисниците по сопствен избор можеа да изберат да ја префрлат листата со контакти на Фејсбук, со цел полесно пронаоѓање на своите пријатели.
Но, од мај 2016 година до корисниците веќе не доаѓа известување дека може да ги преземат контактите, па во некои случаи тие автоматски биле префрлани над Фејсбук без дозвола или знаење на корисниците.
Претставник на Фејсбук изјави дека социјалната мрежа до пред некој ден воопшто не знаела за овој пропуст, по што престанала да ја нуди опцијата за проверка на лозинката преку електронска пошта при регистрирањето на корисниците.
– Кога ги прегледувавме чекорите што ги минуваат корисниците за да го потврдат својот налог, откриевме дека во некои случаи при отворањето на корисничкиот налог, на Фејсбук случајно се пренесени контактите од електронската пошта – изјави претставникот на социјалната мрежа.
Тој тврди дека „листите со контакти што по грешка се пренесени“ на Фејсбук, „не биле споделувани со никого надвор“ од социјалната мрежа.
Ова е последен во низата инциденти со нарушување на приватноста од страна на Фејсбук, кој има над две милијарди корисници ширум целиот свет. Еден од поголемите скандали во кој беше вклучен Фејсбук беше случајот со преземање на податоци на корисниците на социјалната мрежа од страна на аналитичката компанија „Кембриџ Аналитика“.