Акционери од Топлификација му пишаа на Заев: Оштетени сме за 35 милиони евра
Со отворено писмо до премиерот Зоран Заев и други истражни и судски институции акционерите во Топлификација бараат тој да се заложи и конечно како што велат, да се стави крај на лошата ситуација во друштвото. Тврдат дека со низа одлуки полни со незаконски дејства и неправилности во кои се вклучени судовите, нотари и компанијата Битар холдинг и ТЕ-ТО тие се оштетени за над 34 милиони евра.
Во писмото потпишано од Здружението за заштита на правата на акционерите во Топлификациуја, се дава детален опис на ситуацијата и како настанало тие да ја изгубат вредноста на нивните акции во Топлификација.
Во писмото стои дека има пресуда на Врховниот Суд од 2017 според која ТЕ-ТО АД Скопје, треба да исплати на Топлификација АД околу 6,3 милиони евра главен долг, а со камата околу 11,4 милиони евра.
Потоа се објаснува и за поврзаноста со нотари и нарачани судски постапки.
„Истовремено, ТЕ-ТО АД ангажирал нотар во Скопје и со солемнизација на овие договори, без да се почитува и применува Законот за трговски друштва, овие договори, независно од тоа што се склучени помеѓу заинтересирани страни (БХЛ- 89,2% сопственик на ТЕ-ТО АД и 100% на БЕГ АД Скопје) овие договори од над 112 милиони евра, се ништовни и немаат правно дејство, уште повеќе ако се има во предвид фактот дека не постојат одлуки од Собранието на ТЕ-ТО АД, кадешто Топлификација е акционер со 10,8%. Со нарачани судски постапки и помош на одредени адвокатски куќи и високи државни функционери, успешно е реализиран лажниот стечај на ТЕ-ТО АД (со т.н. реорганизација) со што, повторуваме, ако е потребно уште 100 пати, Топлификација АД и акционерите, се оштетени со повеќе од 34 милиони евра, пишуваат акционерите.
Тврдат и дека ТЕ-ТО АД од неговото пуштање во пробно производство, 2010 година, за т.н. интелектуални услуги заклучно со 2018, има исплатено мулти-милионски износи во евра, а дел од нив јавно коментирани во ревизорските извештаи на ТЕ-ТО АД како трансакции во кои ревизорот не добил разумно уверување за извршените услуги.
„За иронијата да биде уште поголема, со помош на судовите во Скопје, БХЛ (сопственик на БЕГ) предлага стечај на Топлификација АД за т.н. долг од 1 милион евра што Топлификација го има оставено како гаранција во Комерцијална банка АД Скопје за кредит кој го користи ТЕ-ТО АД. Со сите овие постапки, оф-шор компанијата БХЛ, на која на услуга и стојат сите институции на државата, се уништува Топлификација АД Скопје, компанија која постои од 1965 година и повеќе 2700 македонски фамилии, велат акционерите.
Тие известуваат дека за сите овие незаконски дејанија, известени се и поднесени се кривични пријави до Финансиската полиција, Управата на финансиско разузнавање, ОЈО, СЈО и ЈОРМ.
Писмото е адресирано и до нив.