Од јули поврат на ДДВ за граѓаните: Сликајте фискални

Овој и наредниот месец пробно, а веќе од јули и официјално, Владата конечно ќе го реализира дамнешното ветување дека на граѓаните ќе им враќа дел од Данокот на додадена вредност платен за купените производи и добиените услуги.

Премиерот Зоран Заев, викендов, од трибина во  Куманово најави дека електронскиот систем за повратот на ДДВ на граѓаните е подготвен и ќе стартува во јули. Тој појасни дека за да го остварат тоа право, потрошувачите не треба да ги собираат фискалните сметки, ниту пак ќе добиваат посебни картички, туку нивна обврска ќе биде само да ја сликаат фискалната сметка и да ја прикачат на посебна апликација. Според него, на овој начин државата ќе се бори против даночната евазија, која се проценува на 30 проценти на ДДВ или 300 милиони евра годишно, а бенефит ќе имаат и граѓаните.

Каде и да мрднете има ДДВ. Ако сметката е 1.000 денари, 180 денари е ДДВ и од тие 180 денари 15 отсто се враќа назад кај граѓаните. Од сите сметки семејствата ќе вратат меѓу 20 и 30 илјади денари годишно, истакна Заев на трибината, додавајќи дека кога ќе знаат дека дел од парите ќе добијат назад, граѓаните ќе купуваат таму каде што им даваат фискални сметки.

Математиките покажале дека од 70 до 150 милиони евра од сега затаениот данок преку повратот на ДДВ ќе се вратат кај граѓаните, а останатиот дел ќе оди во буџетот.

Според премиерот ова може да се реализира затоа што земјата и економијата се движат во вистинска насока. Оваа констатација тој ја илустрира со влезот на вкупно 624 милиони евра странски директни инвестиции, раст на БДП од 3,7 проценти лани, раст на индустриското производство од 8,8 отсто во првиот квартал годинава, зголемен извоз и увоз од ТИРЗ за 27,5 насто…

Повеќе детали за начинот на реализација на повратот на ДДВ граѓаните ќе добија во наредните денови.

Инаку, оваа мерка е дел од програмата на Владата за периодот од 2017 до 2020 година во која се наведува дека ќе се воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните“ со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15 проценти од ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на луксузни производи. Според наведеното во владината Програма, системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.

Извор Вечер

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password