Ново зголемување на минималецот ќе донесе проблеми за малите фирми
Ново зголемување на минималната плата на 13 илјади денари, за кое се преговара да стартува од јули, ќе предизвика големи проблеми кај компаниите, особено кај малите и кај трудоинтензивните дејности, а од друга страна, нема воопшто да има ефект врз пораст на другите плати во земјава, од причина што станува збор за маргинална сума, која нема да донесе подобар животен стандард, предупредуваат експертите, објави Телма.
Според Горан Рафајловски, оваа минимална плата ќе треба да ја даваат микро, малите и средни фирми, а во земјава, вели, веќе пет години не се прави ништо за да се подобри климата за нивно работење, па прашање е од каде ќе најдат пари за овие дополнителните трошоци.
„Ќе предизвика проблеми на повеќе нивоа. Прво, дали се има толку средства за да се исплатат такви пари, второ, дали им е одржлив бизнисот за да плаќаат толку средства и трето, јас мислам дека Владата во овој момент нема потреба да брза да подигнува такви прагови, од проста причина што толку е намален бројот на луѓе во Македонија, што самите компании сеедно мора да дадат повисока плата, за да привлечат било каков работник“, вели Горан Рафајловски, експерт.
Поради сите овие причини, сериозни бизнисмени веќе размислуваат да го преселат својот бизнис надвор од земјава.
Дел од стопанствениците неодамна предупредија дека дополнителни трошоци за плати, доколку за нив државата не даде парична помош, можеби ќе мораат да размислуваат и за отпуштања.
Извор Телма