Тевдовски: Рамниот данок им оди во прилог само на богатите

Рамниот данок не даде ниту еден од очекуваните ефекти. Тој им оди во прилог само на најбогатите. Ова беше истакнато на јавната дебата за даночната реформа во Собранието на Република Македонија, на која учествуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, пратеници, поранешни министри, експертска јавност и претставници на бизнис секторот.

Министерот за финансии Тевдовски на дебатата ја истакна потребата од воведување на праведен систем на оданочување.

– Најдоховните 1% граѓани имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите. Затоа, прагот за прогресивното оданочување е поставен за да ја опфати токму оваа група граѓани. Рамниот данок им оди во прилог на богатите. Со воведување на рамниот данок само се зголемуваше учеството на богатите во вкупниот доход – рече Тевдовски.

Поддршка за даночната реформа дадоа и поранешните министри Никола Поповски, Петар Гошев и Абдулменаф Беџети.

-ЕУ вели дека даночниот товар е 40%, а во еврозоната 42%. Србија и Хрватска имаат 46%, 47% даночен товар. Ние имаме помал даночен товар. Ваквата поставеност креира дефицит. Преку тоа се креира јавен долг – рече Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии.

-Рамниот данок не го забрза развојот. Во минатото стапката на раст беше 4,2%, а по воведувањето на рамниот данок е 2,6%. Рамниот данок не ни донесе раст, туку ни донесе огромен јавен долг – рече Петар Гошев, поранешен министер за финансии.

-Инвестициите не се зголемија благодарение на рамниот данок, немаше раст на БДП како што беше очекувано. Не беа постигнати очекуваните ефекти во ниту еден сегмент. Ние имаме регресивен даночен систем. Најмногу буџетот се полни од сиромашните и од средната класа – рече Абдулменаф Беџети, академик и поранешен министер за развој.

Даночната реформа предвидува воведување на дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%. Со ова, за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста, 10%.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password