ВО СТАМПЕДО ВО ИТАЛИЈАНСКИ КЛУБ ЗАГИНАА НАЈМАЛКУ ШЕСТ ЛИЦА

Во панична турканица во италијански ноќен клуб, загинаа пет малолетници и една жена. Повредени се над 100 лица, меѓу кои 12 се во тешка здравствена состојба.

Италијанската пожарникарска служба на Твитер објави дека причината за паника веројатно е прскање на средство за иритација. Осум лица се уапсени денеска поради сомневање дека прскале со гас-солзавец. Според истрагата, нивната цел била да ги украдат вредните работи од присутните во клубот. Истрагата испитува и дали излезот за итни случаи бил отклучен.

Трагедијата се случи во 1:00 по локално време, во ноќниот клуб „Лантерна аѕура“ во гратчето Кориналдо. Околу 1.000 луѓе, повеќето од нив млади, беа во клубот поради настапот на италијанскиот рапер Сфера Ебаста. Во инцидентот, починаа три девојчиња, две момчиња и една возрасна жена, која одлучила да ја придружува нејзината ќерка на концертот на популарниот млад изведувач, наречен „крал на рапот”.

– Танцувавме пред почетокот на концертот, кога почувствувавме остар мирис, изјави за медиумите 16-годишен тинејџер во болница во Анкона. – Избегавме кон еден од итните излези, но беше блокиран и чуварите ни рекоа да се вратиме, вели тој.

Според сведоштвата на очевидците објавени во италијанските медиуми, толпата се упатила кон низок ѕид, од каде десетици млади луѓе паднале. Оние најдолу биле смачкани.

Повредените веднаш биле одведени во најблиската болница во градот Сенигалија, од каде најтешките случаи се испратени во болницата во Анкона.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password