Владата ќе подготви нов закон за кучињата скитници
Владата на Република Македонија иницираше измени на Законот за заштита и благосостојба на животните. Од Владата соопштуваат дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е задолжено заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, со ЗЕЛС, како и во соработка со граѓанските организации за правата на животните, во најкус период да подготви законски измени за да се надмине проблемот со бездомните кучиња.
Со Законот за заштита и благосостојба на животните се пропишуваат минималните барања за заштита и благосостојба на животни во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување. Во членот 28 од овој закон кој се однесува на бездомните кучиња се пропишува дека општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање.