Солана: Преспанскиот договор е модел како се решава спор
Во колумна објавена на „Проџект Синдикејт“,
поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Хавиер Солана, се осврнува
на претстојниот референдум за договорот за името и значењето на оваа спогодба за
решавањето на други билатерални спорови.
Преспанскиот договор, пишува Солана, „нуди одржлив модел за решавање на споровите на
други места, бидејќи тој отелотворува сеопфатен пристап за решавање на конфликти врз
основа на ветување за меѓусебно споделени долгорочни бенефиции“, давајќи го примерот на
членот 15 од спогодбата со Грција кој се однесува на соработката во полињата на
образованието, културата, технологијата, итн.
– Овој договор на страни со долгогодишен спор е инспирација за еден регион кој останува
заплеткан во заглавени спорови околу етничките и националните идентитети. Балканот – и не
само на Балканот – има потреба од нов наратив врз основа на вистинските приоритети на
народот, што е токму она што го предвидува Преспанскиот договор, смета поранешниот шеф
на европската дипломатија.
Како примери Солана ги наведува спорот помеѓу Косово и Србија како и политичките тензии во
Босна и Херцеговина и Република Српска.