Променети имињата – наместо „македонски“ станаа „национални
Речиси сите државни институции, како и организации кои се основани од државата или се финансираат од буџетот добија нови имиња. Согласно Договорот од Преспа, сите државни институции мора да се преименуваат според формата „на Република Северна Македонија“. Така на пример сите министерства и државни органи треба во својот назив да ја додадат одредницата за Северна, како Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија. Од друга страна пак, институциите кои во својот назив ја имаат придавката „македонска“ повеќе нема да може да го задржат ова именување. Решението на Владата на Република Северна Македонија е во употреба на формулацијата „национална“ наместо македонска. Така државната телевизија сега се вика Национална телевизија на Република Северна Македонија. Во таа насока нема да се користи како што иронично се велеше кратенката СМРТ (Северно-македонска радио телевизија).
Според договорот за решавање на спорот за името не се предвидува употреба на придавка „северна“, „северен“ и „северно“. Тоа значи дека не може една институција да се вика „Северно-македонска телевизија“. Овој компромис во договорот со Грција беше истакнат како голема „победа“ од страна на премиерот Заев и на првиот дипломат Димитров.
Според последната одлука единствена институција која го задржа името е Македонскиот народен театар, кој во својот назив ќе додаде „Национална установа на Република Македонија“ пред името МНТ.
„Гордоста“ на академиците се уште не е дефинитивно сочувана. Станува збор за Македонската академија на науките и уметностите, од каде се надеваат дека нема да дојде до потреба од промена на името. Според преспанската формула МАНУ би се преименувала во Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија или пак Национална академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија. Акронимите според овие сценарија би биле АНУРСМ или пак НАНУРСМ.
Академиците се надеваат на добра волја на грчката страна според принципот „бона фиде“, односно да им се дозволи да го сочуваат своето име бидејќи во Грција нема институција која го носи името. МАНУ и во минатото се соочуваше со обиди за добивање „кум“ бидејќи постоеја иницијатива да се избрише терминот Македонска за да ја рефлектира мултиетничноста на државата со сите националности, а не само како ексклузивна институција на Македонците.
Преиуменувањето на институциите е неизбежна реалност по ратификувањето на Преспанскиот договор и изгласувањето на уставните измени кои произлегоа од него. Институционалниот идентитет на Северна Македонија целосно се менува со исклучок можеби на неколку институции. Тоа што преостанува ќе биде на кој начин и во кои случаи ќе може да се користи придавката „македонска“. Единствена гаранција има за македонски јазик, и за државјанството кое е дефинирано како Македонско/државјани на Република Северна Македонија. Странските и интернационалните организации и тела во оваа почетна фаза на спроведување на договорот веднаш започнаа со употреба на Северна Македонија во сите официјални документи и обраќања, а испратија и вербални ноти за начинот на кој ќе комуницираат, слично како постапката која ја направи и МНР.