Никола Тодоров: Ќе гласам „ЗА“ на престојниот референдум
Поранешниот министер за здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров денеска рече дека ќе гласа на престојниот референдумот.
Тој на денешната дебата на тема „Дебатираме за НАТО“ во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции, со поддршка на МНР и амбасадата на Холандија, истакна дека кога партијата одлучила самите да донесат одлука, тогаш тој ќе излезе и ќе гласа.
– Македонија мора да е дел од НАТО и јас сакам да ја видам Македонија како дел од Алијансата. Во рамки на тоа е и мојот став. Јас го разгледав ставот на партијата во однос на референдумот и имам право да одлучам како сакам. Не излегувам од ставот на партијата, напротив сметам дека мојот став е во рамки на партискиот став. На овој референдум јас ќе излезам и ќе гласам „за“ ЕУ и НАТО, а „против“ договорот. Некој ќе рече нема такво прашање, јас ќе речам има. Се ми е јасно, јасен ми е контекстот, јасно ми е дека мораме да бидеме членка на НАТО, потоа и на ЕУ. Јасен ми е и регионалниот контекст, рече Тодоров.