Списанието комбинира статистички податоци од Светската Банка и Глобалниот институт за мир. Рејтингот на секоја земја се пресметува низ три фактори – „војна и мир“, „лична безбедност“ и „ризик од природна катастрофа“.
Од земјите во регионот, најбезбедна земја е Словенија (12 место), па Хрватска (22), Бугарија (42), Босна и Херцеговина (56), Грција (57), додека Србија (58) е едно место пред Македонија. Полош резултат од земјава има само Албанија, која се наоѓа на 69-тото место.
Оваа година најбезбедна земја во светот е Исланд, а на првите пет позиции се уште и Швајцарија, Финска, Португалија и Австрија. Најнебезбедна земја од анализираните држави е Филипини, а меѓу најлошите пет се и Јемен, Гватемала, Ел Салвадор и Нигерија.
„Земјите на врвот не се изненадување. Тоа се најчесто европски земји со развиени економии и здравствени системи. Всушност 16 од најбезбедните 20 држави се од Европа, додека само Катар, Сингапур, Нов Зеланд и Канада се од други континенти. Економскиот развој го намалува ризикот од воен конфликт или криминалитет. Во суштина овие два фактори можат многу повеќе да се контролираат од природните катастрофи, кои скоро секогаш се географска функција“, стои во анализата на „Глобал Фајненс“.