Филипче: Задолжителната вакцинација останува
Нема да дозволиме ниту едно дете да биде запишано ниту во училиште, ниту во градинка невакцинирано, заради тоа што не може волјата на родителот да биде посилна од правото на детето да биде здраво, а при тоа не може со една индивидуална постапка да се загрозува и колективното здравје кое е над се, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
На овој начин не се крати никакво право, заради тоа што најбитно е здравјето на детето и колективното здравје“ рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за граѓанската иницијатива за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести која ја поднесоа 129 родители.
Граѓанска организација на родители достави иницијатива до Собранието за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести со која се бара вакцинирањето на децата да не биде задолжително, туку родителот да има право на избор дали детето ќе се вакцинира и кога.
За иницијативата денеска требаше да се расправа на Комисијата за политички систем, но седницата беше одложена поради немање кворум и дебатата ќе започне по претседателските избори.