Д-р Ортаков: Жените жртви на насилство страдаат од депресија и анксиозност

Жените во Македонија и натаму трпат и се плашат да пријават дека се жртви на семејно насилство. Причина е срамот од околината, но и стравот  дека можат да го изгубат семејството. Невропсихијатарот Владимир Ортаков прави профил на македонската  жена. Вели дека свесноста да  се побара  стручна  помош расте, но не до степен каков што е во западноевропските земји. Бројките во полициските билтени се алармантни, доктор Ортаков смета  дека тоа е само мал дел  и дека има  жени кои  проблемите ги оставаат под тепих, поради низа свои причини.

,,Жените под тепих го оставаат тоа што им се случува дома, односно  насилството на кое се изложени. Продолжуваат со улогата на жртва,  си прават сами своја рационализација зошто би требало да останат во улога на жртва. Постои срам, постојат идеи дека може да се растури семејството,  а со тоа ќе им се наштети на децата. Тие продолжуваат да ги негираат состојбите и да го оправдуваат насилството“, вели д-р Ортаков.

Доктор Ортаков вели дека лесно може да се препознае семејство во кое е присутно насилство, најчесто тоа е дисфункционално. Жената која е жртва на насилство често има состојба на анксиозност, депресија и бара заштита и поддршка дури и од насилникот.

,,Би требало веднаш да пријават. Злото престанува да биде зло само кога ќе излезе на виделина. Треба да се стави крај на неказнивоста на делата како што е семејното насилство. Потребно е жените да пријават и да побараат стручна помош.  Има пасивно зависни личности кои имаат проблем да бидат сами  и постојано бараат сигурност со цел да се заштитат себеси.  Има случаи кога жртвите негираат дека им се случува насилство“, вели д-р Ортаков.

Според  докторите, насилството може да биде поттикнато од повеќе причини, една од нив е и стресот, кој сè почесто е присутен во секое семејство. Според  доктор Ортаков, стресот го намалува прагот на толеранција и предизвикува поголемо чувство на фрустрираност. Присуството на насилство е страшно, особено за децата, кај кои може да предизвика агресивност  уште во раните години. Македонија е дел од повеќе кампањи кои имаат за цел да ја поттикнат и охрабрат жената да пријави дека е жртва на насилство. Сè погласни се барањата казните да бидат построги кон насилниците.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password