Борче Николовски од Демир Капија е избран меѓу најдобрите лекари во Бугарија
Борче Николовски од Демир Капија се најде на листата меѓу најдобрите три лекари во Бугарија. Во изборот за „достојни лекари“ биле номинирани околу 500 лекари од различни специјалности, а во гласањето учествувале преку десет илјади граѓани, пренесуваат бугарските медиуми.
– Особено сум благодарен за укажаната доверба од страна на граѓаните и сите што застанаа зад мене и мојата номинација. Тоа е дополнителен мотив, да продолжам да ја работам работата најдобро што можам – изјави Николовски за МИА.
Грижата за пациентите се негува со генерации во семејството на Николовски. Неговиот татко е дефектолог во Специјалниот завод, а сестрата Кристина која е пред дипломирање за доктор, сака да специјализира психијатрија. Мајка му е патронажна медицинска сестра, а прабаба му, бабица која ги пораѓала бебињата во демиркапиското село Клисура, информира МИА.