Страотна сообраќајка: Автобус се преврте на автопатот Скопје-Тетово, се извлекуваат повредените
Патнички автобус со 50-тина патници излетал и се превртел на патот Скопје – Тетово, кај селото Ласкарци, во правец на село Бојане. Повредени се голем број патници, а според првичните неофицијални информации се дека автобусот излетал од патот и се превртел откако му пукнала гума, додека, како што објави МИА, според очевидци, автобусот излетал во провалијата откако преминал на спротивната коловозна лента и ја пробил оградата.
На местото на сообраќајната несреќа се испратени поголем број амбулантни возила, како и противпожарни екипи. Од скопските клиники за МИА потврдиле дека кај нив се однесени тројца повредени патници, додека во Тетовската болница биле однесени двајца повредени.
Според информации од медицинските екипи, на кои се повикуваат медиумите од терен, сите патници биле извлечени од автобусот и упатени кон болниците во Скопје и Тетово.
Поконкретни информации од МВР најавија за подоцна.
„По тешката сообраќајна несреќа која се случи на автопатот Тетово-Скопје, упатени се сите коли на брза помош од Здравствен Дом Скопје и од приватните болници Неуромедика и Систина. Медицинските екипи се на располагање и ќе се искористат сите капацитети на здравстените установи за брза реакција“, соопшти Министерството за здравство.