Странските инвеститори се жалат на бизнис-климата

Советот за странски инвеститори со истите забелешки и за новата влада. Недостатокот на квалификуван кадар, непредвидливата бизнис клима, честото менување на законите, недоволно инвестиции во инфраструктурата, отсуство на структурни реформи се најголемите проблеми со коишто се соочуваат странските компании кои што работат во земјава. Во т.н. Бела книга за 2018 година што беше објавена денеска странските инвеститори велат дека и економската ситуација на земјава сè уште останува тешка.

„Како да ги направите реформите, за еден ден тоа е невозможно. Не можете да ги направите реформите од денеска за утре. Можете да направите само чекор по чекор и со континуирана работа и со раст на оваа планина која е голема и која има многу за качување“, рече Штефан Петер, Совет на странски инвеститори.

Премиерот Заев пак, потенцираше дека клучно за предвидливоста и за подобрување на бизнис климата е членството во Европската унија и НАТО.

„Интеграцијата во Европската унија и НАТО се многу сериозна работа. Не случајно земјата уште од самата самостојност е фокусирана на тоа и еве конечно го доживуваме времето кога успеавме. Ние ќе бидеме членка на НАТО, покана имаме“, рече премиерот Заев.

Домашните стопанственици имаа јасни барања.

„Треба да се инвестира и државата да помогне на тие што се оспособени најбрзо да испорачаат работни места и инвестициона активност. Ако сакаме да добиеме сите за да створат и да има да се даде на социјалните дејности за образованието за здравството итн…“, изјави Бранко Азески, Стопанска комора на Македонија.

Советот на странски инвеститори е формиран пред 13 години, а Белата книга со препораките и забелешките на странските инвеститори се издава од 2015 година.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password