Компаниите ќе се борат на странскиот пазар и со висок кредитен рејтинг
Колку ќе го зголеми својот настап на странските пазари за една компанија не е доволен само нејзиниот кредитен рејтинг, туку и вкупниот кредитен рејтинг на државата, велат од Стопанската комора која денеска ги презентира резултатите од оценката на бонитетната куќа „Кофејс“.
– Компанијата може да има кредитен рејтинг кој изнесува 10, но ако тој рејтинг не е проследен со висок рејтинг на земјата, тоа не и вреди многу. Довербата за кавлитетот на компанијата се гради преку кредитниот рејтинг и на државата која го создава и деловното опкружување – појаснува Валентина Цветковска од Комората.
Од комората, повикувајќи се на извештајот, тврдат дека компаниите во земјава се кредитоспособни, односно редовни плаќачи на земените кредити, а се подобрува и рејтингот на земјата.
– Кредитниот рејтинг на земјава во февруари 2019 година, според бонитетната куќа „Кофејс“-Хрватска, е оценет со ознака Б, со тенденција за стабилност до крајот на 2019 година. Бизнис климата е оценета со ознака А4. Ова е напредок за разлика од претходните години кога државата беше оценета со ознака Ц за ризик на земјата и исто ознака Ц за бизнис климата во државата – вели Цветковска.
При оценката на кредитниот рејтинг на една држава, појаснуива таа, се земаат националниот приход по глава на жител, растот на БДП, стапката на инфлација, фискалната рамнотежа, јавниот долг и економскиот развој.
– При изготвувањето на анализата на кредитниот рејтинг, наведени се предностите на нашата држава: интеграцијата во германскиот ланец на производство (40 отсто од вкупниот извоз е во Германија), близината на централно европските фабрики, конкурентноста на платите, поддршката на меѓународните донатори, како и високите дознаки на работниците во странство, и денарот што е врзан со еврото- рече Цветковска.
Позитивниот кредитен рејтинг во земјава, како што рече оперативниот директор на СКМ Анета Трајковска доведува до отварање на можностите на македонските компании за пристап до странските пазари, а пред се да бидат препознаени од странските деловни партнери.