Катица Јанева, Боки 13 и Кичеец влегуваат во судница за „Рекет“
Основниот кривичен суд во Скопје го прифати обвинението за првата истрага во случајот „Рекет“ со кое се опфатени Бојан Јовановски – Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец.
Судот ги одбил сите приговори на одбраната и обвинителниот акт го одобрил во целост.
Ова значи дека сега предметот „Рекет“ ќе се стави во АКМИС системот и ќе се додели на судија, по што набргу се очекува да се закаже и првото рочиште од судскиот процес.
Во случајот Јовановски се терети за две кривични дела: примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. Кичеец е второосомничен само за делото примање награда за противзаконито влијание. Јанева, како трета на листата, е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Ова обвинение е само еден дел од целата афера „Рекет“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори и втора истрага, која се однесува и на работењето на невладината организација Меѓународен сојуз на Боки 13. Тој и таму е првоосомничен, а покрај него се уште четири лица.
Најзвучно е името на Фросина Ременски, пратеничка од власта и потпретседателка на Собранието. Понатаму, истрагата ги опфаќа и заменик-претседателката во Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, како и таткото на Боки 13, Миле Јовановски и една асистентка.
Во овој втор дел од „Рекет“ Боки 13 е осомничен за делата измама и перење пари. Останатите четворица се осомничени за помагање во делото измама, а тројца од нив, со исклучок на Ременски, се гонат и за помагање во делото перење пари.