Двојното поскапување на паркингот на дневен ред
Советот на Град Скопје денеска ќе расправа за измена на цената за час паркирање на паркиралиштата со кои стопанисува „Градски паркинг“ со која ќе се даде можност во деновите на енормно загадување, да биде двојно зголемена цената за паркирање на одредени паркиралишта.
– Со измената на оваа одлука, градоначалникот на Град Скопје по прогласување вонредни и интервентни мерки во одредени денови поради загадувањето на воздухот, има можност да даде предлог, на одредени паркиралишта, цената за паркирање двојно да се зголеми само во тие денови. Во случај на енормно загадување на воздухот, ова би се применило во централното градско подрачје, како би се стимулирале граѓаните кои патуваат во овој дел од градот, да користат јавен превоз, се со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот, појаснуваат од Град Скопје.
Со измените се предлага да поскапи и паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно месечната претплата да изнесува 800 денари наместо сегашните 300 денари.
На денешната седница најавено е дека ќе бидат разгледани и измените на Одлуката за авто-такси превоз на патници со која ќе се воведе дополнителна тарифа за наплата на такси превозот на патници согласно последните измени на Законот за превоз во патниот сообраќај.
Советиците ќе расправаат и за одлуките за примање донации за вело-паркинг, ЗД мапа на град Скопје, како и за грантот од Светска банка за набавка на 10 електрични возила за миење/чистење на улици. На дневен ред на седницата се и измените на програмата за субвенции за чистење оџаци со која се продолжува рокот за пријавување.