Државата ги раздолжи општините, идните долгови сами ќе ги плаќаат
Процесот на раздолжување на општините е во тек, а министерот за финансии Драган Тевдовски е оптимист дека општините ќе го запазат законскиот рок за нивно раздолжување и најавува дека за годинава не се предвидени дополнителни средства за враќање на наталожените долгови што ги имаат единиците на локалната самоуправа и корисниците во нивна надлежност.
– Не планираме нова транша за враќање на долговите на општините за годинава. Мислиме дека раздолжувањето ќе биде успешна операција, бидејќи за функционирање на општините, но и за училиштата и градинките им беше дадено пола од напластените и преземени обврски од порано, заедно со поставување на механизам кој ќе ги натера да бараат отпишување на камати и дисконти. Сметам дека после оваа операција тие преземени, а неплатени обврски ќе бидат сериозно намалени. Министерството за финансии им постави фискално правило со кое оневозможуваме такво нешто да се случи во иднина – рече Тевдовски.
Потенцира дека Министерството за финансии прави сѐ што е во негова надлежност за да се средат долговите на општините, а еден од клучните чекори за тоа, оцени, е фискалното правило што се постави кај општините, но и сериозните чекори што ги направи Министерството за транспарентност преку кои граѓаните може да го следат трошењето на сите институции и да прават притисок доколку има неефикасност.
– Општините имаат рокови кои се зададени во законот. Останува нивната обврска да утврдат кој ќе им се откаже од камата, да побараат дисконти и потоа транспарентно тоа до го поминат на Советот и да го објават. Мислам дека во дел од општините тоа се случува. Роковите се до средината на годинава и во Министерството за финансии сме оптимисти и сметаме дека на крајот на овој процес долговите на општините и во единките корисници кои се во нивна надлежност ќе се намалат за повеќе од средствата кои ги дадовме- рече Тевдовски.