Димовски: Партијата се движи кон изолација
Пратеникот Илија Димовски преку писмо во јавноста го искритикува актуелното раководење на ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека опозициската партија оди во погрешен правец.
Изјавата ја пренесуваме интегрално:
„Останувам на мојот принципиелен став за тоа дека договорот од Преспа има штетна содржина во себе, дека власта погрешно го водеше целиот процес и дека не смееше да биде исклучива спрема опозицијата од самиот почеток.
За жал, сега веќе е видливо, дека партијата се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство. ВМРО-ДПМНЕ сама се доведе во ситуација да го изгуби капацитетот да влијае на било кој сериозен политички процес во земјата и државните одлуки повеќе, за жал, не зависат во ништо од ставот на мојата партијата.
Партијата веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација. Така и нашите поддржувачи губат верба дека било што и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира. Штета е и што внатрешно во себе, наместо да се шири, развива и расте, да прибира повеќе луѓе и идеи околу себе, партијата континуирано се занимава со бркање т.н. предавници, непријатели и нелојални членови.
Се додека не се воведе принципот на почит и поддршка за различно мислење од официјалниот став на партијата по однос на политиките, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да напредува. Во тој контекст размислувам и дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата. ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе. Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово па се до ден денес сите се такви, фингирани.
На ВМРО-ДПМНЕ во овој момент му требаат неколку работи. Прво и неодложно мора да се направи темелна, а не козметичка реформа на партискиот Статут, со целосна демократизација на процесот на носење на политички одлуки, но и целосна демократизација на процесот на избор на партиските тела и органи почнувајќи од местните комитети па се до највисоките органи. Второ и суштинско е да се напушти принципот дека партијата мора да се води по правилото за градење на култ на личност. Трето, ВМРО- ДПМНЕ има обврска да направи дисконтинуитет со грешките од минатото. И четврто, партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние кои до сега го има. Овие чекори се единствен начин како партијата може да дојде повторно на сериозно ниво да влијае на политиките во државата, а и еден ден да се надева дека ќе се врати на одговорноста да ја предводи Македонија“, пишува пратеникот Илија Димовски.