Хаџимишев: Апелација го потврди незаконскиот стечај на ТЕ-ТО, ова е организирана структура со државни институции
Апелациониот совет направил уште поголема незаконитост од првостепениот суд кога ја потврдил одлуката ТЕ-ТО да оди во стечај и ги одбил жалбите на најголемите доверители, затоа што неговата одлука е конечна а ја донел знаејќи ги сите факти за незаконитостите направени во постапката, рече денеска Димитар Хаџимишев, директор на Топлификација. Оваа компанија е еден од најголемите доверители во ТЕ-ТО и плус акционер кој во гасната централа поседува над 10 отсто од капиталот. Со пргласувањето на стечајот, се брише долгот кон Топлификација од 30 милиони евра. Хаџимишев обвинува дека ова е скандалозно и тврди дека се вплеткани повеќе страни.
„Целокупниот тек на процесот и сите активности реализирани во овој процес укажуваат на организирана структура во која освен ТЕ-ТО се вклучени и други субјекти од одредени државни институции, вели Хаџимишев.
Топлификација поднесе кривични пријави, а според информациите случајот го истражува и Управата за финансиска полиција. Хаџимишев вели дека на таков начин ќе се обидат да спречат, како што вели, организиран грабеж на над 30 милиони евра побарувања признати од ТЕ-ТО.
Хаџимишев и претходно обвинуваше дека целиот случај е проследен со низа нерегуларности. Топлификација има 10,8 отсто во ТЕ-ТО, а мнозински сопственик е Битар Холдингс лимитед кој поседува 89,2 отсто од капиталот. Од Топлификација тврдат дека ТЕ-ТО си го отворил стечајот сам на себе, по пресудата на Врховниот суд од декември лани во која тој го прифати барањето на Топлификација дека заемите дадени од Топлификација на ТЕ-ТО во периодот на градба на објектот се достасани и ТЕ-ТО треба да и плати на Топлификација околу 6,2 милиони евра главен долг, а со камата вкупно 11,4 милиони евра.