Филипче: Засега нема нови рестрикции и карантини
Нема потреба од рестрикции и карантини, но ако има значајна промена на епидемиолошката слика првиот чекор би бил некоја форма на поблаги рестриктивни мерки, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тој потенцира дека веќе беше најавено ограничувањето на јавните собири, што во некои општини може да значи и целосна забрана за нив.
Во Македонија секојдневно има трицифрен број новозаболени, но доста починати, ама министерот вели дека состојбата се стабилизира. Според него, бројот на новодијагностицирани по иницијалното зголемување особено нагло во изминатата недела, се стабилизираше на близу десет проценти од вкупниот број направени тестови.
„Тие контроли на случаите и увид во епидемиолошките анкети кои ги прават епидемиолозите сега засега не оставаат простор за некаква паника, односно дека има најава дека има неконтролирано ширење на вирусот, нешто што би требало да наметне потреба од некакви дополнителни рестриктивни мерки. Искрено се надевам дека никој од нас ниту ние, ниту нашата земја, ниту целиот регион заради тоа што очигледно дека насекаде има иста или слична епидемиолошка ситуација, нема да се соочиме со таква ситуација да треба да препорачаме рестрикција, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на Светскиот ден на срцето.