Одобрена продажбата на IQOS уредите на Филип Морис
Регулаторите му дадоа на Philip Morris International зелено светло за продажба во САД на нивните уреди кои го загреваат тутунот, отворајќи го патот за тутунскиот гигант да се натпреварува со старт – ап компанијата за електронски цигари Juul за дел од брзорастечкиот пазар за алтернативи на тутун.
Во долгоочекуваната пресуда, американската Управа за храна и лекови (ФДА) во вторникот објави дека дала зелено светло на IQOS уредите откако компанијата ги уверила службениците дека нивоата на токсини навистина се пониски отколку кај традиционалните цигари.
Одобрението ќе помогне да се изгради доверба кај инвеститорите дека тутунскиот гигант може да изгради профитабилен нов бизнис, бидејќи потрошувачите кои се свесни за здравјето, сѐ повеќе ги отфрлаат традиционалните цигари.
Индустријата вложува големи средства во електронските цигари и други уреди за да ги замени цигарите.
IQOS се уреди кои наликуваат на цигари и кои го затоплуваат тутунот, а не го горат. Уредите беа лансирани пред три години во Јапонија и тие го сочинуваат главниот столб на движењето на PMI кон т.н. производи со „намален ризик“.
Андре Каланцопулос, главен извршен директор на PMI, рече дека одлуката е “важен чекор напред за околу 40 милиони американски мажи и жени кои пушат”.
Тој рече: “Некои ќе се откажат. Повеќето нема, а за нив IQOS нуди алтернатива „без чад“ за продолжување на пушењето. ”
Управата за храна и лекови допрва треба да дозволи IQOS да биде обележан како побезбеден од традиционалните цигари, меѓутоа тие се оптимисти кога е во прашање пресудата на Вол Стрит.
Засега, производот мора да се придржува до истите строги регулаторни стандарди како и цигарите.
“Одобрувањето на нови производи од тутун не значи дека тие се безбедни”, рече Мич Зелер, директор на Центарот за тутунски производи на Управата за храна и лекови.
Тој додаде дека агенцијата внимателно ќе ги следи IQOS уредите, вклучувајќи го и интензитетот на користење кај младите луѓе.
IQOS ќе бидат продавани и дистрибуирани во САД од страна на Altria, американскиот производител на цигари, од кој PMI се одвои пред повеќе од една деценија.
Продажбата ќе започне првично во Атланта, Џорџија, бидејќи компаниите сакаат да “научат колку што е можно повеќе, што е можно побрзо”, рече Хауард Вилард, главен извршен директор на Altria.
Производите ќе бидат дистрибуирани на околу 500 трговци во градот, вклучувајќи и посебна IQOS продавница во трговскиот центар Lenox.