НЛБ со понуда за плаќање преку мобилен телефон
Откако Народната банка ја намали основната каматна стапка се очекува да дојде и до намалување на каматните стапки кај депозитите и кај банкарските кредити. Ликвидноста на банкарскиот систем е голема, а парите ќе мора да се пласираат во кредити за правни и физички лица. Банкарите забележуваат раздвижување во нивниот сектор и актуелно се бараат добри проекти за финансирање.
„Кај депозитите направивме корекции за новите депозити, за новите договори за депозити, исто така направивме за новите станбени кредити, намаливме некаде за 0,3% отсто имаме најевтина понуда на пазарот, а кај потрошувачките кредити сме во промотивни активности каде што ги намалуваме каматните стапки“, рече Антонио Аргир, Директор на НЛБ Тутунска банка.
Во однос на претстојниот референдум каде што целата економска активност практично е во застој, Аргир вели дека за банките и за компаниите е потребна стабилна и економски предвидлива иднина. Инаку, НЛБ Банка денеска промовираше нова услуга, НЛБ Пеј мобилен паричник. Таа овозможува плаќање на продажните места преку мобилен телефон.