Alibaba: Светот ќе заработи 200 милијарди долари од Кина преку нас
Гигантот „Alibaba“ најави дека ќе му помогне на глобалниот бизнис да продаде стока во вредност од 200 милијарди долари во Кина во следните 5 години.
Еден ден претходно, кинескиот претседател Си Џингпин рече дека неговата земја ќе увезува стоки за 30 илјади милијарди долари и услуги за 10 илјади милијарди долари во следните 15 години.
„Се надеваме дека глобализацијата ќе го користи кинескиот потрошувачки пазар, за да донесе сите светски стоки во Кина“, вели извршниот директор на „Alibaba“, Даниел Жанг за време на настан посветен на меѓународната трговија.
„Особено некои мали и средни претпријатија имаат потреба да отворат пазар во Кина“, вели тој, цитиран од „CNBC“.
„JD.com“ – главниот конкурент на „Alibaba“ на локалниот пазар, објави дека ќе нарача странски стоки за 14,4 милијарди долари, како не стави временски рок за тоа.
Коментарите на Жанг доаѓаат по зборовите на основачот на компанијата Џек Ма, кој посочи дека „Alibaba“ сака да работи со малите бизниси.
Во септември Ма посочи дека неговата компанија веќе нема како да го исполни ветувањето да отвори 1 милиони нови работни места во САД поради трговските тензии меѓу САД и Кина.
На посебен настан, Џек Ма ја нарече трговската војна помеѓу САД и Кина „најнепопуларната работа во светот“, објави „Ројтерс“.
Жанг ќе го наследи Џек Ма како претседател на Одборот на директори на „Alibaba“ во септември.
Ма планира да остане дел од бордот до 2020-та година, фокусирајќи се на своите лични интереси во филантропијата и образованието.