Две монети и празна торбичка најдени во „опелот“ на убијците од Смилковско
Судиите од Кривичниот суд Огнен Ставрев и Осман Шабани, обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски и адвокати, денеска во присуство на јавноста извршија увид на возилото „опел омега“ кое е дел од доказниот материјал за случајот „Монструм“. Новото рочиште што е закажано за 19 октомври ќе продолжи со доказна постапка.
Крим техничар од МВР ја отвори „опел омегата“. Притоа беше констатирано дека тоа е истото возило кое е најдено два дена по петкратното убиство, бидејќи бројот на шасијата е ист. На задните седишта имаше две монети и празна торбичка.
Судијата Огнен Ставрев по увидот рече дека возилото од депото на Агенцијата за управување со одземен имот ќе биде однесено во МВР.
На вештачењето беа присутни и обвинети во случајот „Монструм“, како и адвокатите ангажирани во овој случај.
Адвокатката на семејствата Дафинка Ивановска изрази надеж дека спорните прашања на коишто упатувал Врховниот суд и за дел е вратена постапката денеска се расчистија.
– Го видовме возилото, тоа е тоа возило. „Опел“ темно црвена боја, регистерските таблички се видоа дека се тие, ЅК 499 МТ, се спореди бројот на шасијата, се утврди дека она што е записникот што е во пресудата исто е на лице место на самата шасија, спорното прашање што се однесуваше во врска со калниците – се гледа дека има калници. Другото спорно прашање по однос на задните седишта дали има, се утврди дека има. Сметам дека со ова се расчистија спорните прашања и повеќе дилеми нема. Денешниот увид на лице место го потврди истото – рече Ивановска.
Адвокатот на одбраната Насер Рауфи, рече дека денеска барем според одбраната, било утврдено дека изгледот на патничкото моторно возило воопшто не кореспондира со вештачењата кои се извршени претходно.
– Од таа причина, ние ќе инсистираме вештите лица повторно да дојдат на главниот претрес за да појаснат некои ситуации кои навистина не се совпаѓаат – рече Рауфи.
Во однос на тврдењата на обвинителството и одбраната дека возилото е истото кое што било во записникот, Рауфи рече оти неспорно е тоа возило и сликите се прикажани од тоа време.
– Меѓутоа, вештачењата кои се утврдени наводно на ова возило, не се совпаѓаат со изгледот сегашен на возилото. На пример, десниот фар се гледа многу јасно дека не се совпаѓа со фотографијата која е претходна. Тука се работи за сосема нов фар, додека на фотографијата бил стар што е видливо и очигледно е дека нешто е менувано на возилото. Самиот факт што возилото еден период, почнувајќи од 13 април кога е наводно најдено на лице местото, па некаде до крај на ноември не се знае каде било, му се губи траг бидејќи согласно записниците примопредавањето записнички е извршено во ноември 2013 година. Самото тоа доведува до сомнение каде било за целото време тоа возило и многу други контрадикторности – рече Рауфи.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, рече дека од МВР возилото во депото е донесено на 1 ноември 2012 година. Возилото било примено без регистарски таблички, а има налепница на задниот браник.
На претходните рочишта за „Монструм“ беше сослушан загрозен сведок, кој исказот го даде од друга просторија со мутиран глас и заматена слика.
Во своето сведочење, тој кажа дека на местото на настанот бил на 9, 10, 11 и 12 април, каде што го видел „голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.
Одбраната изрази сомневање во вистинитоста на неговите искази, бидејќи како што реагираа загрозениот сведок е конфузен во одговорите. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.