Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија
Васил Гарванлиев, ќе ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Ротердам.
Васил и е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.
На 12 години заедно со неговото семејство се селат во САД каде станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада.
Прогласен за најмлад но и еден од најбараните баритони во Канада, тој за време на својата дваесет и пет годишна кариера има испеано над 50 главни оперски улоги, меѓу кои се Дон Џовани, Фигаро, и Лепорело, и како солист во најеминентните фестивали во светот како Банф, Малборо, Бритен-Пеарс и Грахтен.
Неговиот вонсерски талент го препознале и голем број на светскои музичи ѕвезди меѓу кои Celine Dion, Chance the Rapper и YoYo Ma а има настапувано заедно со Drake и Nelly Furtado.
Во 2018та година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање на автентична музика инспирирана од македонските корени.
Неговото враќање во Македонија е одбележано со песните „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата Улица“, надополнети со извонредниот акустичен концерт во живо со сплет на македонски евергрини – Дом. Патување. Љубов. – како и голем солистички концерт насловен „Мојата Улица“ во Струмица.
Васил исто така минатата година беше дел од евровизискиот тим во Израел во улога на придружен вокал на Тамара.