„Политико“: Се чини дека Макрон остава простор за маневар со С.Македонија
Дипломати од ЕУ се сомневаат дека Емануел Макрон го користи прашањето за проширување за да добие отстапка на други полиња, пишува угледниот весник „Политико“ во денешната анализа за случувањата околу Самитот на лидерите во ЕУ.
„Но, на заедничката прес-конференција со Меркел во францускиот град Тулуз, Макрон инсистираше на тоа дека се потребни фундаментални реформи на процесот на преговори. Тој јасно даде до знаење дека не може да прифати преговори со Албанија во оваа фаза, но се чинеше дека остави простор за маневар со С.Македонија“, пишува во анализата.
„Политико“ посочува и дека Париз имал неколку сојузници во блокадата за Албанија, но дека во блокирањето на Македонија владата на Макрон „стоела“ сама.
„Критичарите тврдат и дека особено С.Македонија ги исполнила сите тешки услови поставени од ЕУ, вклучително и решавањето на спорот со Грција, па неотворањето на преговори со Скопје сега лошо ќе се одрази на кредибилитетот на Унијата“, пишува „Политико“.