Покачувањето на даноците да оди по календар, а намалувањето веднаш

Да се воведе „даночен календар“ со кој системски ќе се определи дека измени во даночниот систем ќе се носат до 30 јуни, а нивната примена ќе почнува на почетокот на следната година, бара Стопанската комора на Македонија.

Од Комората бараат и секоја измена во даночниот систем да не се менува во текот на истата година, односно да трае најмалку една година.

Со ова, како што соопшти на денешната прес-конференција, Зоран Јовановски, советник во Управниот одбор на Комората ќе се избегнат неизвесноста, несигурноста, непредвидливоста и дополнителното финансиско оптоварување кај бизнисите предизвикано од последните брзи промени на даночниот систем.

– Какви било измени во даночната сфера би се воведувале, би биле донесени и искомуницирани со јавноста најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година. Донесените промени не би почнале да важат веднаш, туку би имале одложено дејство. Би почнале да важат од почетокот на наредната календарска година. Исклучок би биле само промени кои би значеле намалување на даночните обврски за компаниите. Таквите мерки предлагаме да стапат во сила веднаш со оглед дека веднаш би имале и позитивен ефект врз економијата – објасни Јовановски.

Предлогот за воведување „даночен календар“ е донесен од Управниот одбор на Комората и ќе биде доставен до Владата деновиве.

Пресметките на Комората се дека ова решение ќе има еднакви поволности како за бизнисмените така и за целокупната економија.

– Компаниите ќе бидат заштитени од непредвидливи промени. Втората половина од годината ќе можат да ја искористат за прилагодување кон промените и ќе знаат дека овие промени ќе важат најмалку една година и ќе можат да ги планираат инвестициите. Носителите на економските политики ќе мора долгорочно да ги прават макроекономските проекции – рече Јовановски.

Јовановски, како што рече, нема информација за какво било одложување на некоја инвестиција иако последните даночни измени беа донесени за многу краток период и предизвикаа проблеми кај компаниите.

– Нивните финансиски планови беа испланирани па мораа да ги менуваат во од, а тоа бизнисот не го сака, посебно кога се работи за странските инвестиции кои се поврзани со фирми мајки кои исто така прават годишни планови – рече Јовановски.

Тој е оптимист дека Владата ќе го прифати ова барање на Комората, а како системско решение ќе го применува и секоја друга Влада.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password