По новите докази во Етиопија, Boeing ја приземји целата флота авиони 737 МАX
Американскиот производител на авиони „Boeing“ ја приземји целата глобална флота авиони од моделот „737 МAX“, откако истражителите откриле нови докази на местото на паднатиот авион на етиопската компанија „Etiopian Airlines“.
Од „Boeing“ најавија дека ќе ги приземјат сите авиони од моделот „737 МАX“, вкупно 371 летало.
Американскиот регулатор за цивилно воздухопловство (FAA) привремно ја забрани употребата на авионите „737 МАХ“ во воздушниот сообраќај, наведувајќи како причина нови докази и ажурирани сателитски податоци. Со тоа и FAA им се прудружи на многу земји во светот кои уште од понеделникот го забранија користењето овој тип авиони во нивниот воздушен простор. До средата ставот на FAA беше дека истрагата не покажала „никакви проблеми со перформансите на системот“ и дека основи за приземјување на авионите нема.
Во несреќата во Етиопија загинаа сите 157 патници и членови на екипажот. Од „Еthiopian Airlines“ порачаа во четвртокот дека „црната кутија“ од пилотската кабина е префрлена во Париз поради анализа.
„Етиопската делегација предводена од претставници на Бирото за истражување несреќи ги испорача воздухопловниот уред за снимање податоци за летот и уредот за снимање на гласот во кокпитот во Париз поради истрагата“, известија на Twitter од „Ethiopian Airlines“.
Од „Boeing“, пак, истакнуваат дека и натаму се убедени во моделот „737 МАХ“, но по консултацијата со FAA и Националниот комитет за безбедност во сообраќајот одлучиле да ги преземјат летовите „затоа што никогаш не можете премногу да бидете внимателни и за да се смири јавноста и убедени сме дека авионите се сигурни“.
„Правиме сѐ што е во нашата моќ во соработка со иследници да разбереме зошто дошло до несреќата, како и да ја подобриме сигурноста и да се погрижиме такава несреќа да не се повтори“, изјави претседателот на управата „Boeing“, Денис Мулјенбург.
Од несреќата во Етиопија пазарната вредност на „Boeing“ падна за речиси 26 милијарди долари. Се очекува и дополнителна штета за американскиот производител што ќе ја претпри од очекуваните тужби од компаниите кои го набавиле овој модел. Имено цената на еден авион „737 MAX“ изнесува 120 милиони долари, а само во 2017 година кога започна продажбата на овие летала биле продадени 74 авиони. Пред да започне приземјувањето на авионите од овој тип, 371 авион „Boeing 737 MAX“ бил оперативен.