Нова жртва, почина 13 месечно бебе од морбили
Министерството за здравство ја известува јавноста дека вчера (10 февруари 2019) во вечерните часови почина 13-месечно дете од тетовскиот регион од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници) на Клиниката за детски болести.
-Министерството за здравство изразува жалење за смртта на детето, како резултат на компликации од морбили, болест која може да се спречи со вакцинација. Уште еднаш апелираме до сите родители, најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината, која заштитува од ова сериозно заразно заболување. Вакцината во здравствените домови се аплицира бесплатно, а вакцините се со проверен квалитет, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Ова е третото дете жртва на морбилите. Состојбата станува алармантна.
Шестмесечно бебе заболено од морбили почина пред три дена на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче, по оваа трагедија посочи дека бебето имало компликација на белите дробови.
Во изјавата потенцираше дека бебето кое почина било невакцинирано. На оваа возраст бебето, секако, не може да се вакцинира со МРП, но министерот не почувствува потреба во таа изјава да каже било што друго, зошто најлогична постапка би било да си поднесе оставка, а тоа со сигурност не планира да го направи.
-Прво било лекувано во болницата во Козле, а после префрлено на Инфективната клиника каде докторите за жал не можеа да се справат со компликациите. Искрено се надевам дека трендот на вакцинација ќе продолжи заради тоа што е единственото нешто што треба и мора да се направи со цел да се подигне колективниот имунитет кој значително е намален после падот на опфатот со вакцинација во 2014 година и за жал сега се соочуваме со овие последици, рече Филипче.