Македонија меѓу најкорумпираните на Западен Балкан
Албанија, Македонија и Косово се најкорумпираните земји на Западен Балкан, покажуваат податоците од последното истражување на Транспаренси Интернешнл (ТИ). Според Индексот на корупција, Албанија е на 99 место на листата, а Македонија и Косово го делат 93 место. Од земјите во регионот по нив следуваат БиХ на 89 и Србија на 87 место, Бугарија на 77, Црна Гора е на 60, а Хрватска на 60 место.
Во извештајот се опфатени 180 земји и територии во светот, а Индексот на корупција го мери нивото на корупција во јавната администрација и се пресметува врз база на 13 истражувања во бизнис секторот и стручни проценки.
Во делот за Македонија во извештајот се наведува дека по падот на владата во 2017 година, очекувањата за антикорупција се високи за земја која што е заинтересирана за отворање на претпристапните преговори со ЕУ. Македонија, како што се вели, неодамна го ревидираше националното законодавство за да ја прошири моќта на Специјалното обвинителство за истражување на случаите на корупција, вклучително и меѓу владините претставници и претседателот.
Во Индексот исто така се оценува дека континуираниот неуспех на повеќето земји значително да ја контролираат корупцијата придонесува за криза на демократијата во целиот свет.
Посебен акцент на ова истражување е ставен на врската помеѓу корупцијата и кризите на демократијата и растот на десничарските и популистичките тенденции, особено во рамките на Европската унија (ЕУ) и другите западни демократии. Инаку, Западен Балкан има втор по ред најслаб резултат на Индексот.
ТИ наведува дека речиси скоро секоја земја имала многу ограничен напредок во борбата против корупцијата. Недостигот на политичка волја, ослабените институции и ограниченоста на политичките права создадоа атмосфера во која корупцијата цвета, а постои многу малку волја за борба против неа.
Во регионот на Источна Европа и Централна Азија, пак, само три земји имаат резултати над просекот, Грузија која се наоѓа на 41, Црна Гора на 67, и Белорусија на 70. место.