Мозочен удар, рак, гушење – загадениот воздух убива
Индексот на квалитет на воздухот (AQI) покажува колку е воздухот (не)чист. Во деновите кога воздухот е најзагаден обично се препорачува граѓаните да остануваат во своите домови и да не се изложуваат на нечистиот воздух.
Исто така се препорачува да се избегнува трчање и други вежби на отворено. Во некои градови, кај нас и низ светот, излегувањето надвор без заштитна маска претставува изложување на голем ризик.
Што е смогот?
Во зимскиот период вообичаена е појавата на магла, но кога чадот доаѓа во реакција со кондензираните капки вода, се создава смог. Чадот што се крева по спалувањето на стрништа, од фабричките оџаци и од издувните гасови од возилата, ослободува опасни соединенија како сулфур диоксид.
Како реагира телото?
Смогот се задржува во белите дробови бидејќи хемикалиите и токсините лесно патуваат во организмот. Кога вдишуваме смог наместо чист воздух се изложуваме на ризик од најразлични компликации и болести.
Опасност по здравјето
Смогот претставува сериозен ризик за луѓето кои веќе имаат проблеми со дишните патишта и органи, како и за децата и постарите лица кои имаат послаби бели дробови. Лекарите советуваат во деновите на висока концентрација на смог да одбегнувате активности на отворено бидејќи водухот тогаш содржи многу штетни хемикалии.
Најголем дел од здравствените проблеми се резултат на присуството на PM 2.5 честички во воздухот, ситни честички кои се мешаат со крвта и влијаат на нивото на холестерол, што може да предизвика проблеми со срцето.
Во истражување спроведено во САД во 2012 година било утврдено дека луѓето кои живеат во подрачја со загаден воздух имаат за 10% поголеми шанси да доживеат инфаркт.
Симптоми
Смогот и загадувањето може да бидат опасни дури и за здравите луѓе. Најочигледни симптоми се иритација на носот и очите, црвенило околу очите, отежнато дишење, постојана главоболка и гушење. Во некои случаи постои ризик здрави лица да заболат од астма и респираторни компликации.
Опасност за новороденчиња
Смогот е многу опасен за трудниците и за новороденчињата. Високата концентрација на јаглерод моноксид во воздухот влијае врз ослабување на крвта и спречува носење на кислород до мозокот, што го забавува развојот на детето.
Дали смогот може да предизвика рак?
Уште нема официјални докази, но научниците и некои лекари истакнуваат дека нивото на PM честички во воздухот што ги вдишуваме влијаат врз намалување на имунитетот. Честичките PM 2,5 и PM 10 може да предизвикаат рак, што значи дека загадениот воздух може да има фатални последици. Истражувачите на Светската здравствена организација најдоа поврзаност меѓу загадениот воздух и ракот на бели дробови и тврдат дека смогот е полн со канцерогени соединенија.