Странски инвеститор треба да и плати на Македонија за непочитуван договор
Лани во февруари Владата ја задолжила Агенцијата за странски инвестиции да изврши вонсудска наплата на казна од 157.000 евра од несуден странски инвеститор во индустриските развојни зони поради неиспочитуван договор, објави Заводот за ревизија во својот последен извештај.
Инвеститорот на два пати предложил преку меморандум да ја плати казната на десет рати. По ова, на 28 ноември Државното правобранителство до Основен суд Скопје 2 поднело тужба за наплата на оваа сума.
Станува збор за неиспочитуван договор потпишан во 2011, според кој инвеститорот требало до крајот на 2014-та да стартува со најмалку 100 вработувања и истите да ги одржува во следните пет години. Не бил исполнет ниту првиот, ниту вториот услов. За прекршување на првиот веќе се платени 37.000 евра на почетокот од 2017-та, но не и 157.000-те евра за непочитување на вториот услов.
Бидејќи компанијата склучила договор за државна помош во август 2011-та, сите заклучоци водат до тоа дека се работи за индиската компанија „Мадерсон груп“, која го постави камен-темелникот во Бунарџик истата година, но никогаш не ја реализираше инвестицијата иако се задржа во Македонија со регистрираното правно лице.
Веднаш потоа компанијата регистрираше две фирми под името „СМР Аутомотивес системс Македонија“, од кои едната за надворешно стакло за ретровиори, а другата на метални делови за ретровизори.
Во 2014-та оваа несудена инвестиција беше мотив за медиумско препукување помеѓу тогашната власт и опозиција. Овие вторите тврдеа дека власта веднаш му исплатила безмалку 3 милиони евра на „Мадерсон груп“ без ништо видливо на терен, а од Владата тоа упорно го демантираа.
Извор Фактор