Пронајдени нови вакцини со декларации со изминат рок
Во здравствените домови, односно пунктови за имунизација низ Македонија пронајдени се уште вакцини со погрешна декларација за изминат рок, тврди директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Ќахил Ибраими, за „Независен весник“.
Не е познато колкава е бројката и на кои пунктови се пронајдени овие вакцини. Претходно беа пронајдени МРП вакцини со изминат рок, по што дел од јавноста уште повеќе го засили отпорот кон имунизација, по што министерот за здравство Венко Филипче смируваше дека се е во ред, бидејќи декларациите биле погрешни.
„Планираме денеска да ги имаме резултатите од контролата и да ги обелодениме. Се проверуваат и вакциналните пунктови. Ќе излеземе со точен број на вакцини што се најдени деновиве со декларации со истечен рок. Кај вакцините нема никаков проблем со рокот, сите се со важечки рок и се работи за сериозна фирма производител. Тоа што е направено со декларациите е техничка грешка. Ќе има санкции за компанијата увозник по ваквиот пропуст, тоа во моментов го разгледуваме. “, објаснува Ибраими за „Независен весник“.