Буџетот на седница: Дефицитот намален, а платите растат

Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.  Ова се клучните цели и приоритети на Владата, што е рефлектирано и во Предлог-буџетот за 2019 година, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во експозе на Предлог-буџетот на Пленарната седница во Собранието.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е 17,7 милијарди денари, односно 2,5% од БДП, што е намалување во однос на годинава за половина милијарда денари, или за 0,2 процентни поени како процент од БДП. Како што истакна Тевдовски намалувањето на дефицитот најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи.

– Водењето на ефикасна, домаќинска и транспарентна фискална политика, не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните. Предлог-Буџетот за 2019. Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

За капитални инвестиции се издвојуваат 26 милијарди денари. Во 2019 година планирано е инвестирање во повеќе области. За капитални расходи за патната и железничка инфраструктура планирани се 5,2 милијарди денари. За капитални инвестиции во енергетска и комунална инфраструктура проектирани се 5,5 милијарди денари. За уредување на технолошко индустриските развојни зони планирани се 631 милиони денари. За здравствениот сектор планирани се капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари. За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари. Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3,3 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 529 милиони денари.

Предлог-буџетот за 2019 се базира на очекувањата дека во домашната економија ќе продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор. Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Бруто-инвестициите во 2019 година ќе бидат повисоки за 4,2% на реална основа. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки и проекти, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Ќе продолжат позитивните движења кај надворешната трговија, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5%, при реален раст на увозот од 6,8%.

Согласно ваквите очекувања реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ-2,8%, Светска банка-2,9%, НБРМ-3,5%). Проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 20%. Просечниот раст на нето-платата во 2019 година се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа. Стапката на инфлација во 2019 година се очекува да биде ниска и да изнесува 2%, со динамика која ќе биде главно под влијание на движењето на светските цени на примарните производи.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password