Рокот за избор на универзален снабдувач на струја продолжен до 12 декември
Рокот за избор на универзален снабдувач со струја е продолжен до 12 декември, и тоа е согласно законските рокови и зголемената транспарентност на процесот, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев за време на денешниот престој во Битола.
Според министерот Анѓушев, дополнителен квалитет на документацијата е обезбеден во соработка и со помош на Енергетската заедница во Виена.
-Рокот за избор на универзален снабдувач е продолжен до 12 декември затоа што во тендерската документација, а заради потранспарентен процес, додаден е и договорот каков што ќе биде склучен со идниот универзален снабдувач. Постојат законски рокови, според кои откако ќе се направи додавање во тендерската документација, потребно е време за пристап, за евентуалните понудувачи да може транспарентно да видат и да се подготват, и затоа овозможивме рокот да биде продолжен до 12 декември. Постапката е транспарентна, а на тендерската документација треба да се додаде договор каков што ќе биде потпишан, а тој договор беше изработен со помош на Енергетската заедница од Виена, изјави Анѓушев.
Потврди дека со новините кои произлегуваат од Законот за енергетика се штити стандардот на граѓаните, но и цената на електричната енергија произведена во РЕК Битола.
-Согласно Законот за енергетика граѓаните се заштитени и доколку не се избере универзален снабдувач или процесот се оддолжи, состојбата останува иста и граѓаните ќе бидат тарифни потрошувачи со заштитена цена. Ние се надеваме дека процесот ќе успее, дека ќе има заинтересирани компании. Овој механизам на универзален снабдувач е направен само, и единствено, со цел да се заштити цената на електричната енергија за граѓаните и домашното производство кое главно го прави РЕК Битола, да биде наменето пред се за граѓаните на Република Македонија со што ќе го заштитиме нивниот стандард и ќе ја заштитиме цената на електричната енергија за нив без разлика на тоа како таа ќе расте на светските берзи, истакна Анѓушев.